Во согласност со најновите измени на Законот за земјиште, кој е во собраниска процедура, предвидени се категориите на земја што можат да се пренаменат. Според упатените, тоа е добар почетен чекор, кој ќе води кон заштита на земјиштето, но тие потенцираат дека има парцели што веќе не можат да се спасат
Пренамената на земјоделското земјиште во градежно како повод
Ќе се заштити ли најпосле земјоделското земјиште, особено квалитетното земјиште од пренамена за градежни цели, гласно прашуваат земјоделците?! По многубројните и бурни реакции во јавноста од земјоделските здруженија дека со пренамената на парцелите во градежно земјиште, а особено со изградба на разни станбени или друг тип објекти, се губи квалитетно земјиште што треба да се користи за производство на храна, на повидок е решение што би можело да го стопира овој процес.
Законот за земјиште во собраниска процедура
Во согласност со најновите измени на Законот за земјиште, кој е во собраниска процедура, предвидени се категориите на земја што може да се пренаменат. Според упатените, тоа е добар почетен чекор, кој ќе води кон заштита на земјиштето, но тие потенцираат дека има парцели што веќе не можат да се спасат.
– Ова е добар чекор кон заштита на квалитетното земјиште за земјоделски насади, за да се заштити производството. Сепак, досега е направена голема штета. Во изминатиов период беа носени многу лоши мерки, кои направија огромни штети врз земјоделството, изгубивме многу производители, речиси во сите земјоделски области. Од друга страна, свесни сме дека се злоупотребуваат законите, се манипулира системот и, за жал, се градеше во голема мера и врз земјоделско земјиште – вели претседателот на земјоделското здружение „Агрофаланга“, Љупче Станковски.
Тој потенцира дека на многу локации низ земјава земјиште што било користено како пасиште, поради намалување на стоката, обраснало и потоа преку злоупотреби или пак со постепена трансформација било пренаменето за градежни цели и на големи делови сега се изградени градежни објекти.
– Добро ќе биде да се види каде не е изградено веќе, да се стопира тој процес. Веројатно тоа е и намерата на законодавецот, да се донесе прво закон, па потоа да почне процес на закрепнување на состојбата. Изминатиов период изгубивме многу, изградени се голем број објекти врз некогаш обработливо земјиште или, пак, врз пасишта, особено во западниот дел од земјава. Од друга страна, последниве години исто така изгубивме и многу од лозарите, поради лошите мерки што се носеа многу лозари се откажаа од одгледување грозје. Иако ова беше гранка што заживеа во последните години, сега повторно е намалено одгледувањето грозје и за јадење и за производство на вино. Секако, ова е добра појдовна точка за средување на работите, но ќе видиме како ќе се одвиваат работите понатаму, факт е дека има многу работи за средување – потенцира Станковски.
Да се заштити земјиштето со добра катастарска класа за производство на храна
Инаку, со измените на Законот за земјоделско земјиште се менува и, наместо како досега да се дава согласност за пренамена на земјоделското земјиште во градежно, се утврдува постапка за давање мислење за таа намена. Исто така се дефинираат потребните документи, категориите на земјиштето што може да биде предмет на пренамена и роковите за давање мислење. Како што се потенцира во законското решение доставено во Собранието, целта е да се направат ред и процедура што е во надлежност на Министерството и да се заштити земјиштето со добра катастарска класа за производство на храна.
– Со членот 6 се уредува и усогласува постапката за издавање мислење за пренамена на земјоделското земјиште во градежно односно се врши усогласување на членовите 49, 49-а, 49-б и 49-в од Законот за земјоделско земјиште со членот 54 од Законот за урбанистичко планирање. Се дефинираат потребните документи, се пропишува процедурата за поднесување барање, квалитетот на земјоделското земјиште за пренамена, се бришат одредбите од Законот за земјоделско земјиште за издавање согласност за трајна пренамена на земјоделско земјиште во државна сопственост што се спротивни на одредбите од членот 54 од Законот за урбанистичко планирање. Во овие измени правниот акт „согласност“ е заменет со правен акт „мислење“ во олеснети постапки и пократки рокови – се наведува во законот.
Притоа е дефинирано дека предмет на постапка за пренамена може да биде земјоделско земјиште во државна сопственост со катастарска класа V, VI, VII, VIII и некатегоризирано земјоделско земјиште во согласност со класификацијата на Агенцијата за катастар на недвижности. Исто така земјиште над кое не се применуваат хидромелиоративни мерки, каде што има наклон на земјиштето поголем од 15 проценти и кое е контаминирано и загадено и е непогодно за производство на храна.
Исто така, наведено е дека може да се пренаменат камењари, неплодни земјишта, мочуришта, трстици и деградирани пасишта. Потоа, земјиште со намалена плодност поради примена на хемиски и биолошки мерки на почвата и со кое нема да дојде до ситнење на земјоделското земјиште и не е предмет на консолидација или размена.
Со измените на законот исто така се уредуваат користењето, располагањето, заштитата и пренамената на земјоделското земјиште како добро од општ интерес. Е.Р.