Фото: Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини МЕРМС

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека со навремената интервенција на Владата е спречен ценовен шок и стабилизирани се цените на горивата на домашниот пазар.

Според најновата одлука на Регулаторната комисија за енергетика, која ќе важи од полноќ, цените на нафтените деривати остануваат на ниво кое, како што велат од Министерството, ги штити граѓаните и економијата од дополнителен удар.

– Едноставно: спречивме поскапување, ја стабилизиравме цената и ги заштитивме граѓаните – изјавија министерката Сања Божиновска.

Клучната мерка со која е постигнат ефектот е намалувањето на ДДВ за горивата од 18 на 10 проценти, што директно влијаело на намалување на цените за 6 до 7 денари по литар. Според анализите, без оваа интервенција бензините ќе поскапеле за околу 6,5 денари, а дизелот за повеќе од 10 денари по литар.

– Ова е интервенција што го прекинува синџирот на поскапувања – од горивата до храната и услугите – нагласи Божиновска.

Од Министерството посочуваат дека се водат разговори со компанијата ОКТА за дополнително зголемување на попустите за трговците, со цел тие да се пренесат кон крајните потрошувачи. Воедно, се очекува и од малопродажните трговци да придонесат за дополнително намалување на ценовниот притисок.

Министерката истакна дека снабдувањето со горива е стабилно и непречено, и покрај глобалната енергетска криза предизвикана од случувањата во Заливот. Државните резерви се на стабилно ниво, а пазарната инспекција врши засилени контроли.

Дополнително, продуктоводот Скопје–Солун функционира без прекини, што овозможува сигурно снабдување на домашниот пазар.

Од Министерството нагласуваат дека и понатаму внимателно ја следат состојбата и се подготвени за нови мерки, вклучително и дополнително намалување на ДДВ, интервенции во маржите или користење на државните резерви.

Според надлежните, Македонија во моментов останува меѓу земјите со најниски цени на горивата во регионот, а приоритет останува заштитата на стандардот на граѓаните и стабилноста на економијата.