Фото: Пиксабеј

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска изјави дека на Владина седница е донесена одлука за откуп на пченица за стоковите резерви, и по прв пат за откуп на оризова арпа со што ќе им се помогне на земјоделците кои што ги прозиведуваат овие житни култури.

-Донесовме одлука на владина седница околу 9.000 тони да биде откупена пченица и околу 2.400 тони ориз и оризова арпа од реколтата 2024. Во првиот случај кај пченицата можеби ќе го погрешам бројките, но има право секој индивидуален производител да конкурира со количина од 5 до 30 тона, а кај оризот и оризовата арпа 3 до 20 или 30 тона така нешто беше се сеќавам. Ова за првпат се прави посебно за оризот и мислам дека во многу нешта ќе ги олесни предизвиците на оризопроизводителите, но и оние коишто одгледуваат пченица, така што ова за првпат како Влада го направивме со измени во законот, стана стратешка култура оризот и на тој начин сега и стоковите резерви ќе имаат ориз- рече Мицкоски на новинарско прашање по пуштањето во употреба на базен од затворен тип во ООУ „Невена Георгиева- Дуња“ во Општина Кисела Вода.