Фото: „Нова Македонија“ / Илустрација

Владата на Македонија денеска напладне ќе одржи седница на која ќе се разгледаат и усвојат мерки за ублажување на растот на цените на горивата.

Од Владата информираат дека поради континуираниот пораст на цените на светските нафтени пазари, се очекува дополнително поскапување на дизелот и бензините и на домашниот пазар. Иако цените во земјава и натаму се пониски во споредба со регионот, најавено е ново зголемување веќе од понеделник.

Како дел од напорите за стабилизација, компанијата ОКТА од 18 март им нуди на трговците со нафтени деривати гориво по пониска цена за два денара по литар. Ова намалување веќе се одразува и на цените на дел од бензинските станици, вклучително и Макпетрол, Лукоил и Пуцко Петрол.

Министерката за енергетика Сања Божиновска и директорот на ОКТА, Димитриос Пасхос, претходно најавија дека оваа мерка ќе важи до крајот на март, со цел да им се овозможи на трговците да ги намалат крајните цени за потрошувачите.

Во меѓувреме, според одлуките на Регулаторната комисија за енергетика, цената на дизелот во последните две корекции е зголемена за 21 денар по литар, додека бензините поскапеле за 12 денари.

Главен фактор за поскапувањата, како на домашно така и на глобално ниво, се случувањата и нестабилноста на Блискиот Исток.