Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека инфлацијата во земјава е намалена под три проценти и дека Владата ќе продолжи со мерки за одржување на ценовната стабилност и заштита на стандардот на граѓаните.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој посочи дека според најновите податоци на Државниот завод за статистика, инфлацијата во февруари 2026 година изнесува 2,9 проценти, што, како што рече, е една од најниските стапки во регионот.

– Инфлацијата се спушти под три проценти. Во Грција е околу 3 проценти, во Бугарија 3,5 проценти, во Косово во јануари беше 5,8 проценти, во Хрватска над 3,8 проценти, Словачка е 4 проценти, а во Романија над 9 проценти. Тоа покажува дека политиките што ги спроведуваме даваат резултати – изјави Мицкоски.

Тој зборуваше по увидот во изградбата на пречистителна станица во населеното место Кучевишка Бара во Општина Чучер Сандево.

Премиерот најави дека по утрешната средба со дистрибутерите и ланците на маркети ќе се разговара за мерки со цел да се задржи трендот на стабилни цени.

– За нас најважно е да го сочуваме стандардот на граѓаните. За неполни две години се обидовме да ја стабилизираме економијата и да создадеме основа за развојни политики – рече Мицкоски.

Тој додаде дека цените на мало се зголемени за околу 1,6 проценти, што, според него, е под два процента и претставува стабилен тренд.

Мицкоски изрази задоволство и од движењето на базната инфлација, нагласувајќи дека Владата ќе продолжи со политики за нејзино дополнително намалување.

– Очекуваме инфлацијата годинава да се движи меѓу два и три проценти, доколку не се појават непредвидени глобални фактори. Настаните во регионот на Заливот се нешто што може да влијае на светската економија, но тоа се фактори врз кои немаме директно влијание – рече премиерот.

Тој нагласи дека Владата внимателно ја следи состојбата и дека ќе преземе мерки доколку има ризик од ценовни осцилации на штета на граѓаните.