Владата и работодавачите не го прифатија барањето за минимална плата од 500 евра на денешниот Економско социјален совет. Според премиерот Христијан Мицкоски платите во јавниот сектор растат, а во приватниот треба да се зголеми продуктивноста на работниците за да се стаса до таа сума.
– Во мај, нето и бруто платите порасна за 11 отсто. Во образованието, здравството, администрацијата и полицијата, веќе има повисоки плати. Бруто домашниот производ на реална основа во првиот квартал порасна за 3,2 отсто со што остваривме четвртти најголем раст на БДП. Ако некој пред една година речеше дека Македонија ќе има ваков параметар тогаш сите ќе му се смееа, денес тоа е факт – истакна премиерот Кристијан Мицкоски
По завршувањето на состанокот во владата, претставниците на бизнисот не дадоа изјава за медиумите. Но, владиниот министер задолжен за состојбите во економијата рече не е добро да се носат брзи решенија за зголемување на платите во земјава. Во однос на темата синдикални кошнички, Бесар Дурмиши изјави дека пресметката синдикалната кошничка на ССМ која брои 65 производи била нереална, во владината методологија која денеска била презентирана пред челенивите на Економско социјалниот совет има над 100 артикли.
– Синдикалната кошничка која ја предлагаат синдикатите не е минимална кошничка, таа е посакувана. Нивната потрошувачка кошничка излегува некаде на средина на месец, некаде на 15-ти во месецот и не ги земаат сите информации до крајот на месецот. Податоците ги земаат само од еден маркет кој работи само во Скопје и тоа од цени објавени он лајн. Тоа не е репрезент на целата територија и во нивната пресметка не користат сезонски производи – истакна министерот за економија Бесар Дурмиши.
Сојузот на Синдикати на Македонија е разочаран од ваквиот однос на властите. Претседателот Слободан Трендафилов изјави дека многу е лесно да зборуваат функционерите дека животот во Македонија се подобрува кога се има месечни функционерски плати од над 150 илади денари, но тој им порача да влезат еден ден во чевлите на работниците, да почувствуваат како е да се живее со двесетина илјади месечно.
– Работодавачите за жал сметаат дека нема простор за зголемување на минималната плата во Македонија и сметаат дека работниците не се доволно продуктивни. Колку не плаќаат толку сме продуктивни. Колку повеќе не плаќаат топлу повеќе ќе им бидеме продуктивни. Македонските работници веројатно ќе останат со најниска плата во регионот или под дното. Ако има дно, Македонија е под дното. Тие сакаат да ни кажат, што да купиме, каде да пазариме, колку да купиме, колку да јадеме, колку да пиеме. Не сакаат да ни кажат колку ќе ни ги зголемат платите – истакна претседателот на ССМ, Слободан Трендафилиов.
Синдикалците сега последната надеж ја гледаат кај пратениците. Само тие сега може да издејствуваат измени на законот за минимална плата пред распишување на локалните избори. Бидејќи потоа законски нема да може ништо да се менува до завршување на изборите.