Владата денеска одржа тематска седница на којашто е одобрена првата група од 82 договора во 2023 година, согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите, а има и други апликации, коишто се во процес на евалуација.
Оваа година има поднесено рекорден број апликации од 432 компании за нови инвестициски проекти, според известувањето од Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата на Македонија, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции.
Како што соопшти владината прес-служба, 82-те компании, за коишто се одобрени договори лани имаат отворено 233 нови работни места, а до крајот на инвестициските циклуси ќе отворат 818 нови работни места. Исто така, овие компании минатата година инвестирале 30.8 милиони евра, а до крајот на инвестициските циклуси ќе инвестираат 67.5 милиони евра.
Во 6-те години од донесувањето на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, како што е констатирано на седницата, финансиски се поддржани 630 домашни компании, а оваа бројка годинава се очекува да се заокружи на околу 1.000 домашни компании коишто добиле финансиска поддршка од државата. Компаниите што добиваат поддршка од државата се од сите плански региони. А, посветеноста на Владата за рамномерен регионален развој дава резултати, бидејќи ги мотивира компаниите да инвестираат во сите делови од државата.
Сето ова, како што е оценето на денешната владина седница, е резултат на определбата на Владата за партнерски однос со компаниите и креирање реални услови за предвидлива економија.