Фото: Принтскрин

Владата на Македонија донесе пакет мерки за ублажување на ценовниот раст на горивата, информираше премиерот Христијан Мицкоски по владината седница.

Клучната мерка е намалување на ДДВ за нафтените деривати од 18 на 10 проценти, што ќе важи во наредните две недели и ќе резултира со поевтинување на горивата за 6 до 7 денари по литар. Одлуката стапува во сила од понеделник на полноќ.

Дополнително, Владата одлучи да ослободи количини мазут од државните резерви со цел да се стабилизира пазарот и да се спречи раст на цената на електричната енергија.

Истовремено е прогласена кризна состојба на целата територија на државата, што ќе овозможи институциите побрзо и поефикасно да ги спроведуваат мерките.

Според премиерот, без ваква интервенција, Регулаторна комисија за енергетика ќе донесела одлука за ново значително поскапување – за над 10 денари кај дизелот и околу 6 денари кај бензините.

Мицкоски изрази очекување дека Комисијата ќе ја земе предвид владината одлука и нема да дозволи дополнителен раст на цените. Тој нагласи дека електроенергетскиот систем останува стабилен.

Премиерот посочи дека мерките имаат за цел да го прекинат синџирот на поскапувања и да ги заштитат цените на храната, транспортот и услугите, истакнувајќи дека Владата ќе спроведе засилени контроли на пазарот за да спречи злоупотреби.

Тој додаде дека кризата е резултат на глобалните случувања, особено воените тензии на Блискиот Исток, кои влијаат врз цените на нафтата. И покрај тоа, нагласи дека земјава и понатаму има меѓу најниските цени на горивата во регионот.