Изминатата недела беа објавени резултатите од првиот рок на уписите на учениците во средното образование кои покажаа дека речиси, две третини, се запишале во стручното образование, односно, од вкупно 15.481 запишани ученици во учебната 2023/2024 година, 10.277 ученици или 66,4 % во стручно образование, додека 4.603 ученици или 29,7%, во гимназиско образование. Мал процент, околу 3,8%, отпаѓа на ученици запишани во уметничкото образование и спортската гимназија.
Овој факт е реална потврда за напорите што ги прави Стопанската комора сите овие години во процесот на афирмирање и имплементирање на дуалното образование и истакнување на потребата од зголемување на бројот на ученици кои завршуваат средно стручно образование и нивно вработување по завршувањето.
Како најголема бизнис организација која будно ги следи и анализира потребите од адекватен стручен кадар со години наназад, укажуваме дека не постои усогласување на побарувачката на работна сила на пазарот на труд и понудата на стручни вештини и компетенции од страна на образовните институции. Уште од 2007 година, претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, укажува дека образовниот и бизнис секторот не смеат да бидат два одвоени света, туку образованието мора да ги следи потребите и трендовите на економијата и затоа се потребни реформски зафати за подобрување на квалитетот во образованието за може да испорачува кадри потковани со добро знаење и вештини, кадри кои ќе бидат компатибилни на пазарот на трудот, а најефикасна реформа за обезбедување стручен кадар е воведување на дуалното образование со нов пристап во наставата и ориентираност кон вештините и компетенциите, поткрепени со практичната обука на реално работно место. Во 2007 година, за првпат почнавме да го промовираме дуалното образование, во 2016 почнавме да спроведуваме активности за негова реализација, а веќе во 2017 година, со една наша членка, компанијата ЕВН Македонија, АД, започна реализацијата на пилот проектот за дуалното образование кое ги даде и првите резултати: подготовка на учениците според потребите на компанијата и вработување на учениците во компанијата по нивното завршување.
Активностите се интензивираа во 2019 година, со доаѓањето на м-р Наташа Јаневска од министерството за образование и наука во Комората, најпрво, преку барањето за системско уредување на дуалното образование и нов закон за стручно образование и обука и со подигање на свеста на бизнис заедницата за вклучување во процесот на стручното образование преку креирање на уписни политики, осовременување на наставните програми и реализација на практичната настава. А таргетот што го постави Комората за упис на ученици во стручното образование беше 70%.
И резултатот е видлив:
– Зголемена бројка на компании вклучени во стручното образование, од 11 компании во учебната 2019/2020 година, на 500 компании во учебната 2022/2023 година, со тенденција бројот да расте.
– Зголемена бројка на ученици во стручното образование, од 10.961 ученик или 64% во учебната 2020/2021 година, на 11.446 ученици или 69% во учебната 2022/2023 година.
– Зголемена бројка на стручни училишта вклучени во дуалното образование, од 7 училишта во учебната 2019/2020 година, на 61 средно стручно училиште во учебната 2022/2023 година.
Нашите активности се насочени и кон финансиска поддршка на стручното образование и обука.
Ваквите резултати ни даваат уште поголем мотив да продолжиме со нашето работење, а фокусот е ставен подигање на квалитетот на реализација на практичната обука.
Комората и Коморскиот инвестициски форум на 6-те земји од Западен Балкан, преку Германската банка за инвестиции (KFW), обезбедија финансиски средства за модернизација со машини и опрема во висина од 150.000 до 600.000 евра на конзорциуми составени од училишта/факултети и компании за реализација на дуалниот модел на образование. На првиот повик се обезбедени 3,4 милиони евра за 8 конзорциуми (7 стручни училишта и 1 факултет, кои имаат потпишано договор со 29 компании), а на вториот повик се обезбедени 2,72 милиони евра за 6 конзорциуми од нашата земја (37 компании со 4 стручни училишта и 2 високообразовни институции)