Фото: Архива „Нова Македонија“

Силна финансиска поддршка најавуваат владините претставници за земјоделскиот сектор, поточно за млади лица што сакаат да се посветат на земјоделските
култури

Поттикнување на земјоделството со мерки дизајнирани за одредени фокус-групи

Нова финансиска поддршка ќе се дели и оваа година со фокус на младите земјоделци, со цел да се стимулираат помлади граѓани да се вклучат во дејноста.
Како што најавија од Министерството за земјоделство и од Владата, сите што ќе ги исполнат одредените услови, пропишани за исполнување одредени стандарди, ќе можат да добијат до 10 илјади евра финансиска поддршка.
Ова не е нова мерка, таа се применува неколку години, но со годинашниот оглас, надлежните го ставаат фокусот на младите земјоделци.
За инволвираните, поддршката на секторот е добредојдена и велат дека висината на финансиската помош може да биде поттик за поголема вклученост на младите, но сепак, потенцираат дека има голем број недостатоци во земјоделството, кои треба да се надминат за да стане попривлечен овој сектор за поголем број граѓани, а особено за младите.
– Вака силна финансиска поддршка може да има голем удел меѓу лицата што работат и обработуваат земја. Сепак, дали е наменето за сите или само за нови земјоделци не знаеме, но ако е наменета само за лица што почнуваат со обработка на земја е малку несигурно, бидејќи многу лица се залетуваат, купуваат опрема, земаат ниви под кирија, но кога ќе видат колку многу работа има, се откажуваат. Имаме неколку пријатели што сакаа да работат земја, но за кратко време се откажуваа. Обработката на земја, одгледувањето разни култури не е лесно, ниту е нешто што се учи прекуноќ, но добро е што има вакви иницијативи – вели една искусна земјоделка за „Нова Македонија“.
Според неа, идејата е позитивна и може да има силно влијание ако средствата се насочат кај вистинските и посветени земјоделци, а не кај лица што пред кратко време станале земјоделци, бидејќи тие може да се откажат од дејноста.
Но, од друга страна, претседателката на Националната федерација на фармери, Васка Мојсовска, потенцира дека е многу важно државата да обезбедува поддршка, особено за младите земјоделци, за да се поттикнат да ја работат оваа дејност.

– Вклучувањето на помладата генерација во земјоделското производство е многу значајна за една фамилијарна земјоделска фирма да напредува. Вклучувањето на младите од најрана возраст каде што директно можат да ја видат и научат работата во земјоделското производство придонесува во иднина тие млади да го продолжат тоа што го работеле родителите и да го надградат и модернизираат, односно да го усовршат. Но, секако, треба и желба и интерес од страна на младите за земјоделството, бидејќи тоа е професија што нема работно време и бара многу посветеност и пожртвуваност за да извадиш квалитет – појаснува Мојсовска.
Таа дополнува дека секој млад човек што сака да продолжи или да почне со земјоделско производство, треба да се детектира и да му се дадат поддршки со значителна сума на грантови што ќе ги инвестира во земјоделското производство. Но укажува дека се потребни и услови за работа, а тоа се патишта до фарма, вода, струја и да нема административни пречки од типот на градежни дозволи.
– Субвенциите да бидат насочени кон оние што професионално се занимаваат со земјоделство, односно само оние земјоделци што единствена професија и егзистенција им е земјоделството. Затоа што оној што работи осум часа во некоја институција или приватно и да сака, не може професионално да се занимава со земјоделство, затоа што земјоделството бара посветеност, а не рекреација – појаснува Мојсовска.
Според неа, луѓето не можат да се занимаваат со земјоделството како со дополнителна дејност, бидејќи земјоделската работа бара постојано внимание, надградување, дообуки, секојдневно учење…

– Кога младите што се занимаваат со земјоделство ќе ги видат предностите од професионалното земјоделство и ќе имаат заработка од истото тоа, нема ниту да размислуваат да работат нешто друго – укажува Мојсовска.
Според Министерството за земјоделство, најновиот јавен повик „Помош на млади земјоделци за започнување на земјоделска дејност“ е наменет за млади земјоделци на возраст од 18 до 40 години, кои првпат започнуваат со земјоделска активност, преземаат постојно или воспоставуваат ново земјоделско стопанство и се запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во последните 18 месеци.
– Максималната финансиска поддршка по корисник за мерката 112 изнесува 600.000 денари, односно 100 отсто од направените трошоци. Овие предвидени средства ќе се доделуваат за период на реализација на деловниот план и ќе се исплаќаат на годишно ниво, но најмногу на три рати. Дополнително е предвидена и 40 проценти авансна исплата на предметната инвестиција – се напоменува во соопштението на МЗШВ.
Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски напомена дека за аплицирање на јавниот повик за мерката 112 се олеснети процедурите околу исполнувањето на критериумите, со кои му излегуваат во пресрет на секој еден млад што сака да влезе во земјоделскиот процес.
– Целта на министерството и на Владата е активирање на младите во земјоделскиот сектор преку низа на мерки. Токму мерката 112 е една од низата што ќе им помогне на младите да се активираат и да влезат во земјоделското производство. Новата енергија во земјоделството е потребна за да се зголеми производството на храна, со што ќе станеме земја што ќе извезува квалитетни земјоделски производи и по тоа ќе станеме и понатаму препознатливи – нагласи Трипуновски и дополни дека министерството ќе продолжи да работи на сет мерки што ќе ги анимираат младите да се вклучат во процесот на производство на квалитетни земјоделски производи. Е.Р.