Фото: Александар Николоски/Фејсбук/Илустрација

Во Брисел утре се очекува да биде отворено прашањето за визна стратегија што ќе се однесува за долгорочен престој во Шенген зоната, објави српски „Блиц“ од каде информираат дека имале увид во работниот документ, пренесува МИА.

За првпат, ЕУ ќе го отвори прашањето за долгорочен престој во Шенген на институционално ниво за професионалци кои мора да се движат меѓу земји-членки поради работа. Меѓу нив има и професионални возачи од трети земји кои во моментов ги блокираат товарните премини.

Во работниот документ на ЕК што претставува основа за развој на нова визна стратегија на ЕУ, се планира да се почне стратешка дискусија за исклучоци од правилото 90/180 дена, поради економските загуби и нарушувањата на единствениот пазар.

Во документот се наведува дека е потребно да се разгледа престој во Шенген зоната подолг од вкупно 90 дена, под услов да не се надминат 90 дена во земја-членка. Примери се наведени – возачи на камиони и други професионалци кои работат за компании со седиште во ЕУ, чие работење зависи од постојана мобилност меѓу земјите-членки.

Со тоа, за првпат, проблемот со кој транспортерите од Србија и регионот се соочуваат со години е формално признаен како прашање на конкурентноста во ЕУ.