Големи разлики меѓу европските земји: На северот земји со висок стандард, додека на југот земји со голем ризик од сиромаштија
- Многу земји од Источна и Јужна Европа, како Бугарија, Романија, Грција, Шпанија и Италија, покажуваат повисоки стапки на ризик од сиромаштија од нивните западни или северни еквиваленти. Тоа веројатно ги одразува тековните предизвици за економски развој и пониските нивоа на плати во овие региони
- Европа може да биде еден од најбогатите региони на планетата, но животниот стандард сè уште варира многу низ целиот континент. Од една страна се земјите со висок стандард на северот, додека спротивно на нив има земји чие население се соочува со голем ризик од запаѓање во сиромаштија, како оние на југот на Европа
Последните статистички податоци покажуваат дека одредени земји, особено јужните земји во Европската Унија, имаат поголеми стапки на сиромаштија, споредено со земјите што се наоѓаат во северните делови од Европа. Бугарија, Турција и Романија се земјите каде што еден од три граѓани во земјата се соочува со сиромаштија, но високо на скалата се и Грција и Шпанија. Последните податоци на Евростат, европскиот статистички центар, покажуваат дека има големи разлики, како меѓу земјите членки на Унијата така и кај другите земји што не се дел од ЕУ.
Стапки на сиромаштија во Европа по земја
Според Евростат, Бугарија се соочува со најголем процент на сиромаштија, и тоа од 30,3 проценти. Турција, иако не е членка на Европската Унија, исто така е во врвот, и тоа со 30,4 отсто. Следна е Романија каде што стапката на сиромаштија достигнува 27,9 проценти. Овие три земји имаат највисоки стапки на сиромаштија и се на врвот на рангирањето, при што приближно еден од тројца жители се соочува со економски тешкотии.
Овие повисоки стапки одразуваат пониски просечни плати, поголема нееднаквост во приходите и послаби мрежи за социјална сигурност во споредба со јадрото на ЕУ.
Од друга страна и Грција со 26,9 отсто и Шпанија со 25,8 проценти стапка на сиромаштија исто така се издвојуваат меѓу земјите со поголем процент на сиромашни. Постојаната невработеност кај младите им го отежнува акумулирањето богатство на помладите генерации.
Блиску до нив е и Литванија каде што стапката на сиромаштија е 25,8 отсто, па следува Летонија со 24,3 проценти. Тие се дел од земјите од Балтичкиот Регион што се соочуваат исто така со високи стапки на сиромаштија. Во овие земји домаќинствата во руралните области заработуваат околу 20 отсто помалку од оние во градовите, јаз што ја проширува ранливоста кон социјална исклученост.
Северна и Централна Европа покажуваат најмал ризик од сиромаштија
За разлика од најсиромашните, неколку земји се издвојуваат по најниската стапка на сиромаштија, а тоа се Чешка, која има убедливо најнизок удел од 11,3 отсто, по што следуваат Словенија со 14,4 проценти и Холандија со 15,4 отсто стапка на сиромаштија.
Овие земји ги комбинираат повисоките средни плати со обемни програми за социјална помош, кои ги ублажуваат шоковите во приходите. Скандинавските земји се исто така меѓу земјите каде што стапките на сиромаштија се пониски. Па така, Финска е со најниска стапка меѓу нив, и тоа од 16,8 отсто, по што следува Шведска каде што стапката на сиромаштија е 17,5 проценти, па Данска со 18 отсто сиромашни.
Германија има стапка на сиромаштија од 21,1 отсто и таму процентот е благо над просекот на ЕУ – 21 процент. Според упатените, ова се должи и на повторното обединување, кое сè уште влијае на животниот стандард.
Целта на ЕУ за намалување на сиромаштијата до 2030 година
Брисел има цел да извлече најмалку 15 милиони жители, вклучувајќи пет милиони деца, од сиромаштија или социјална исклученост до 2030 година. Напредокот е заглавен по пандемијата, но и по војната во Украина, бидејќи инфлацијата ги еродираше реалните плати и ги зголеми сметките за енергија и храна.
Успехот на нивните планови може да зависи од подобрувањето на пристапот до прифатливи станови, подобрување на квалификациите на работниците за работни места со поголема продуктивност и затворање на родовиот јаз во платите. Но без побрз раст на приходите во јужните и источните земји членки, блокот ризикува да ја зголеми поделбата север-југ. Е.Р.
Кој се смета за сиромашен во ЕУ?
За еден граѓанин да се смета за сиромашен е потребно да исполнува дел од условите и се бројат само еднаш иако исполнуваат повеќе критериуми. Еден од првичните услови за да бидат вклучени во категоријата сиромашни е доколку граѓаните имаат приход под 60 отсто од националната медијана. Материјална депривација: каде што не можат да ги исполнат или немаат, седум од 13 клучни основни услови, а тоа се неможност за покривање неочекуван трошок, проблеми со одржување на топлината во домот, поседување интернет-конекција итн. Возрасни лица што работат помалку од 20 проценти работното време во месецот, односно се слабо активни на пазарот на трудот исто така влегуваат во ризичните категории. Е.Р.
Стапката на сиромаштија во Македонија се намалува
Стапката на сиромаштија во Македонија, според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), се намалила на 22,2 отсто. Во 2022 година оваа стапка изнесуваше 22,9 проценти.
Индикаторите за сиромаштија ги изработува ДЗС врз основа на податоците од анкетата за приходите и условите за живеење, која се спроведува во согласност со препораките на Европската Унија. Основа за пресметките на сиромаштијата се приходите, а прагот на сиромаштијата е дефиниран на 60 отсто од медијалниот еквивалентен приход.
Според оваа анкета, како што соопшти ДЗС, „убедливо најсиромашни меѓу нашите сограѓани се домаќинства со двајца возрасни и три или повеќе издржувани деца“. Во оваа категорија речиси педесет проценти од семејствата се соочуваат со сиромаштија, поточно 48,9 отсто. Следни се самохраните родители со повеќе издржувани деца, каде што стапката достигнува високи 45 проценти.
– Анализирано по типови домаќинства, стапката на сиромаштија на домаќинствата составени од двајца возрасни со две издржувани деца во 2023 година е 17,8 отсто. Според најфреквентниот статус на економската активност, стапката на сиромашни вработени лица е 8,4 проценти, додека стапката на сиромашни пензионери е 11,3 отсто – се посочува во извештајот на ДЗС.
Коефициентот на џини, мерка за нееднаквоста во распределбата на приходите, во текот на 2023 година, достигнал 30,3 проценти. Оваа мерка се зголемила, што покажува уште поголема нееднаквост во распределбата на приходите. Имено, во текот на 2022 година џини-коефициентот достигнувал 29,8 отсто. Е.Р.
Бугарија се соочува и со енергетски сиромашни домаќинства
Триесет отсто од Бугарите немаат пристап до основни енергетски услуги
Околу 30 отсто од населението на Бугарија, или 1,8 милион луѓе, спаѓаат во групата енергетски сиромашни домаќинства, кои немаат пристап до основни енергетски услуги за соодветно греење, ладење, осветлување и обезбедување енергија за апарати за домаќинство, според податоците на тамошниот Економски и социјален совет (ЕСС), кој неодамна усвои став за енергетската сиромаштија во државата и за потребните мерки во пресрет на либерализацијата на пазарот. Дополнително, околу 365 илјади се ранливи потрошувачи.
Во Бугарија, бројот на луѓе што не биле во можност да ги одржуваат своите домови доволно топли изнесувал 20,7 отсто, што е на прво место во Европската Унија по овој индикатор. На ниво на ЕУ, се забележува значително зголемување на 10,6 отсто во 2023 година во споредба со 6,9 отсто во 2021 година.
Една од препораките на Советот е социјалните партнери и државата да разговараат за додавање индекс на инфлација во формулата за одредување на официјалната линија на сиромаштија, со цел да се надмине напуштањето на критериумот за приход при одредување на статусот на домаќинството. Како дел од националната стратегија на Бугарија за борба против енергетската сиромаштија, препорачано е воспоставување механизам за одредување на нивото на надомест на либерализиран пазар за различни групи потрошувачи во домаќинствата.
Бугарија и Романија постојано се соочуваат со значителни проблеми со сиромаштијата во рамките на Европската Унија, со повисоки стапки на сиромаштија и материјална депривација во споредба со други земји членки. Романија особено се бори со високи стапки на детска сиромаштија и постојана сиромаштија. Иако точните бројки варираат, неодамнешните податоци покажуваат дека околу една третина од Бугарите и поголем процент од Романците доживуваат економски тешкотии, честопати поврзани со пониски плати, нееднаквост во приходите и послаби мрежи за социјална сигурност во споредба со јадрото на ЕУ. Е.Р.
Рангирање на земјите според ризикот од сиромаштија или социјална исклученост
1. Турција 30,4
2. Бугарија 30,3
3. Романија 27,9
4. Грција 26,9
5. Шпанија 25,8
6. Литванија 25,8
7. Летонија 24,3
8. Италија 23,1
9. Естонија 22,2
10. Хрватска 21,7
11. Германија 21,1
12. Франција 20,5
13. Унгарија 20,2
14. Луксембург 20
15. Малта 19,7
16. Португалија 19,7
17. Словачка 18,3
18. Белгија 18,2
19. Данска 18
20. Шведска 17,5
21. Кипар 17,1
22. Австрија 16,9
23. Финска 16,8
24. Р. Ирска 16,7
25. Полска 16
26. Норвешка 15,7
27. Холандија 15,4
28. Словенија 14,4
29. Чешка 11,3
вредностите се изразени во проценти
просекот за ризик од сиромаштија е 21 отсто низ цела ЕУ