Фото: Принтскрин

Вкупно 24 банки се дел од процесот на разгледување на проектната документација, за покажување интерес за финансирање на проектот за изградба на брза пруга долж Коридорот 10, од кои 22 банки веќе добија официјално барање за доставување понуда. Дополнително, уште две банки – НЛБ Словенија и една банка од Дубаи – покажаа интерес, и во моментов се во фаза на анализа на доставените материјали, информира министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Димитриеска-Кочоска во подкастот „Каде се парите“ појасни дека НЛБ Словенија сака да настапи во форма на конзорциум и веќе е доставено барање и до нив. Истото важи и за банката од Дубаи. Сите овие банки се активно вклучени во процесот, особено по завршувањето на првичната фаза. Можам да кажам дека има солиден интерес и подготвеност за понатамошна соработка – рече министерката.

 

Целокупната документација добиена од „Железници“, преку Министерството за транспорт и Владата, е доставена до заинтересираните банки со цел запознавање со проектот, прибирање на информации и изработка на понуди. Министерството за финансии останува отворено за дополнителни појаснувања и комуникација со сите заинтересирани страни.

-Сè што е на располагање ќе го споделиме со цел процесот да биде транспарентен, да добиеме поконкретни понуди и – секако – најповолна каматна стапка за државата – истакна Димитриеска-Кочоска.

Во врска со буџетската динамика, министерката појасни дека не се предвидени средства за овој проект ниту во ребалансот за 2025, ниту во буџетот за 2026 година.

-Првите исплати се планирани за 2027 година, што е координирано и потврдено од Министерството за транспорт и од премиерот – нагласи министерката.

Во однос на понатамошната динамика, таа појасни дека како Министерство за финансии, по добиените понуди ќе се направи анализа и ќе се достави предлог до Владата, која ќе донесе конечна одлука за избор на најповолна понуда. Потоа ќе следува подготовка на Закон за задолжување, негово усвојување, а понатаму и постапки за јавни набавки од страна на надлежното ресорно министерство.

– Треба да се земе предвид и изборниот период, кој влијае на временската рамка. Затоа, не можам точно да предвидам колку време ќе биде потребно за сите следни чекори. Но, она што е важно е дека 2027 година е годината кога се планира првото повлекување на средства – рече министерката Димитриеска-Кочоска