Фото: Маја Јаневска-Илиева

Компаниите најверојатно од февруари идната година ќе може да ги користат средствата од унгарскиот заем, прогнозираат банките. Тие се уште ги немаат добиено договорите од Развојната банка, но уверуваат дека потпишувањето ќе оди брзо. Веќе разговараат со клиентите околу проектите, а од кредитирање, оценуваат, не треба да се исклучи ниту еден бизнис, па дури ни трговски центар (мол) ако се покаже дека е профитабилен и ако обезбеди дополнителна вредност за економијата.

Бизнисот е дециден дека поддршката му треба и бара „средствата да се користат за добри проекти“, без разлика за која дејност станува збор. Притоа, нагласува, фокусот треба да биде ставен на производните компании. Што поскоро парите станат достапни, тоа подобро, порачува стопанството.

Науката во унгарскиот заем гледа „вин – вин“ ситуација и порачува дека монетарниот регулатор мора да биде вклучен во механизмите како да има олеснувања за банките кои имаат кредитен ризик.

– Очекуваме кредитната линија да стане апликативна по празниците. Има посветеност и од страна на Владата и од страна на банките овој процес да се забрза. Јануари има многу неработни денови, затоа, сепак, би оставила за февруари, иако сите ќе работиме тоа да биде во јануари. Веќе има договор меѓу Владата и банките под кои услови ќе се пласира унгарската кредитната линија. Сега треба да помине еден административен период во кој ќе се подготви постапката, а постапката е: детално условите се дефинират од Развојната банка и тие договори треба да дојдат до банките каде формално ќе се потпишат. Од тој момент фирмите ќе може да пристапуваат до банките за аплицирање за кредитите. Од комуникација со владини претставници веќе се финализираат деталите, договорите, условите,… Делува едноставно и се знае отприлика за кои компании ќе бидат кредитите апликативни, но има многу дејности и ќе треба точно да се прецизира за да не настануваат забуни кој проект е апликативен, а кој не – изјави Нина Неданоска од „Шпаркасе банка“ по денешната средба на банкарите и бизнис секторот.

Одобрувањето на договорите, објасни, оди до надзорните одбори на банките.

– Банките се посветени тој процес да го завршат многу брзо. Тоа се кратки рокови во кои ние ќе го добиеме одобрувањето и ќе пристапиме кон потпишување. Веќе разговараме со клиентите, не е дека чекаме да дојдат и да се потпишат договорите.  Но, од моментот кога фирмите ќе аплицираат, ќе треба да помине одреден период додека банките ги обработат кредитните барања и ја направат анализата – истакна Неданоска.

Според потпретседателот на Сојузот на стопански комори Горан Ѓорѓиевски, „се проби мразот“ и конечно фирмите имаат 15 години рок на плаќање, што е од есенцијално значење.

– Производните компании се есенција во нашето општество, носат додадена вредност и кредитите треба да дојдат кај нив. Се проби мразот, конечно имаме 15 години рок на плаќање, што е од есенцијално значење. Три години грејс период, потенцијално уште 12 години рок на плаќање, што значи дека тие помали рати кои ќе се добијат, компаниите остатокот од средствата ќе можат да го искористат во својата ликвидност или дополнително да инвестираат во самите компании зашто секој добар бизнисмен тоа го прави. Ќе се прошири постојната база за финансии, пак ќе дојдат парите кај банките, но ќе се овозможи поширок развој на компаниите – нагласи Ѓорѓиевски.

Средствата, дополни, се добредојдени за да продолжи економскиот раст зашто компаниите се исцрпени.

– Просторот за раст од пет-шест отсто што го бара Владата како амбициозна цел, лежи во микро, малите и средните претпријатија. Тоа е базата што треба да се таргетира за да се има посериозен економски раст – подвлече Ѓорѓиевски.

Претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија Менди Ќура го поздрави намалувањето на кредитните камати за компаниите.

– Како бизнис заедница бараме средствата да се користат за добри проекти, без разлика за која дејност станува збор. Повеќе бараме да се насочат кон производството, но да ги користат и другите дејности кои имаат добри проекти. Само најавата на 250-те милиони евра за бизнис заедницата дава до знаење банките да ги намалат каматните стапки кои досега беа многу високи. Значи, самата најава дава позитивна насока зашто стапките беа 5, 6 и 7 отсто, највисоки во овие години – рече Ќура.

Универзитетскиот професор Синиша Наумовски смета дека сите чинители ќе добијат од целиот овој процес, посебно Владата и банките. Стопанството, пак, ќе добие, како што напомена, поинаков контингент на ликвидни средства.

– Двете страни може да излезат како победници. Банките добиваат нови апликанти за кредити од сите гранки кои може да донесат 3,7 отсто раст. Инаку, не можеме да гледаме еднострано, само на бизнисите. Треба да гледаме и од страна на банките зашто и тие може да се доведат во ситуација да бидат притиснати зашто имаат кредитен ризик – истакна професорот.

Според него, секоја компанија може да избере кај која банка сака да земе кредит, но и секоја банка може да одлучи чиј проект ќе евалуира.

На прашањето зошто кредитот на фирмите да го враќаат (субвенционираат) граѓаните, Наумовски одговори дека

-Ние сакаме парите да бидат што повеќе искористени, а дали ние ги плаќаме каматите, не би рекол, зашто тие на крај повторно завршуваат во макроекономијата. Не може да немате позитивен коменатр на поголем раст на компаниите, мора да им помогнеме сега и бараме механизми. Дали ќе бидат приватни со приватни или државни, тоа се веќе пазарни услови во кои секој може да прави секакви бизнис релации – објасни професорот.

Тој ја гледа ползата во тоа што секоја фирма вработува граѓани кои имаат семејства и затоа е важно, како што рече, фирмата да биде профитабилна. Кога секоја компанија оди напред, според Наумовски, секој има бенефит.

За унгарскиот заем, Собранието на 17 септември изгласа посебен Закон по што на 8 октомври во Будимпешта следуваше потпишување на договорот меѓу министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и претставници на унгарската Експорт-импорт банка.