Управата за јавни приходи спровела 154 теренски контроли за фискализација во периодот од 21 до 27 јули годинава, насочени кон различни типови деловни субјекти. Како што соопштуваат од УЈП, со контролите биле опфатени колонијали, угостителски објекти, туристички агенции и хотели, како и други трговски објекти за продажба на мало.
– Контролите беа реализирани низ државата во повеќе градови, меѓу кои и туристичките места каде во летниот период има зголемена фреквенција на туристи. Од 154 контролирани субјекти, кај 34 отсто, односно кај 52 од контролираните се утврдени неправилности, согласно Законот за регистрирање на готовински промет. За утврдените неправилности донесени се 52 прекршочни санкции – глоби, кои ќе бидат одмерени согласно големината на субјектот – соопштуваат од УЈП.
На пет даночни обврзници, додаваат, им е изречена мерка за привремена забрана за вршење дејност, додека привремено затворени се три субјекти во Охрид, еден во Гостивар и еден во Струга.
– Во Скопје извршени се 43 контроли и при истите утврдени се 9 неправилности; Во Струга, Охрид и Ресен извршени се 64 контроли, а утврдени се 10 неправилности во Струга, Охрид – 14, Ресен – 2; Во Прилеп извршени се 5 контроли, a утврдени се 3 неправилности; Во Струмица и Дојран извршени се 12 контроли, а утврдени се 2 неправилности во Дојран; Во Тетово, Гостивар и Кичево извршени се 15 контроли, а утврдени се 6 неправилности од кои 4 во Тетово и по една во Гостивар и Кичево; Во Штип, Македонска Каменица и Берово извршени се 15 контроли и утврдени се по 3 неправилности во Македонска Каменица и во Берово – наведуваат во соопштението.

Од УЈП апелираат сите даночни обврзници да постапуваат совесно и согласно законските прописи, со цел да придонесат кон зајакнување на даночната усогласеност и унапредување на даночната дисциплина во државата. Врз основа на извршените контроли, оттаму велат дека УЈП ќе врши вкрстени проверки со цел да ја провери веродостојноста на искажаните приходи кај даночните обврзници.
– Издавањето фискални сметки и користењето мобилни фискални апарати не претставуваат само законска обврска, туку и клучен чекор кон правично, транспарентно и одговорно деловно опкружување. Управата за јавни приходи останува цврсто посветена на доследна примена на законите и обезбедување еднаков третман за сите даночни обврзници. Почитувањето на законските обврски е заедничка одговорност и темел на одржлив, функционален и фер даночен систем – подвлекуваат од УЈП.