Криптовалутата биткоин забележа пад до 14 отсто откако американската компанија „Целзиус нетворк“ ги „замрзна“ повлекувањата и трансферите наведувајќи ги како причина екстремните услови на пазарот, што е најнов знак за ударот врз криптосферата што се должи на падот на финансиските пазари, пренесува „Ројтерс“.
Потегот на „Целзиус“ поттикна пад на криптовалутите што резултира со загриженост дека ситуацијата би можела да влијае и врз други компании.
– Се е куќа од карти – кажа Кори Клипстен од биткоин-платформата „Сван“.
Компанијата „Целзиус“, чиј посед се проценува на околу 11,8 милијарди долари, нуди услуги на клиенти (моментно има вкупно 1,7 милиони) кои вложуваат криптовалути во нејзината платформа. По објавата на „Целзиус“ биткоинот забележа најниска вредност во изминатите 18 месеци од 22.725 долари, пред да оствари раст на 23.265 долари.
Компаниите поврзани со криптовалутите претходно предупредуваа дека падот на цените на дигиталните валути може да има верижен ефект.
– Ова е незгоден момент и има ризик од ширење низ криптовалутите – вели Џозеф Едвардс од „Солрајз фајненс“.
Криптопазарите бележат пад во изминатите неколку недели додека растат каматните стапки и инфлацијата, што ги поттикна инвеститорите да се ослободат од поризичните поседи на финансиските пазари. Криптопазарите беа потресени и од колапсот на валутите тера и луна во мај.