Претседателот Стево Пендаровски денеска во Загреб, во рамки на официјалната посета на Хрватска, се обрати на македонско-хрватскиот економски форум, кој се организира во соработка со хрватската трговска комора, а на кој присуствуваа и претседателите на најзначајните бизнис гранки, предводени од Данела Арсовска, претседателка на Сојузот на стопански комори на Македонија.

Фокусот на економската билатерална средба во Загреб беше во насока на интензивирање на соработката со цел овозможување раст на трговската размена меѓу двете држави, разгледување на потенцијалот за инвестиции од областа на индустриското производство, воената индустрија, екологијата и рециклирање на отпадот, како и зголемување на можностите за развој на туризмот меѓу двете држави со разгледување на можностите за отворање директни авиолинии до и од најпопуларните туристички дестинации.

Претседателот говореше за економските и социјалните штети предизвикани од пандемијата на ковид-19, при што нагласи дека македонската економија претрпла сериозен пад, а кризата најмногу се манифестирала во туризмот и угостителството.

Тој се осврна и на шесте антикризни ковид-пакети за спас на економијата.

Пендаровски го нагласи значењето на вакцинацијата, како еден од приоритетните чекори за подобрување и на економската ситуација во нашата држава и посочи дека во државата веќе започнува посериозна масовна вакцинација.

– Не зависи се од луѓето во бизнис-секторот за забрзан, инклузивен и економски раст. Важно е и владеење на правото, сведување на корупцијата на најниско ниво – рече претседателот, посочувајќи ги придобивките од влезот во НАТО на нашата држава, како една од можностите за промовирање стабилност кон зајакнување на економската позиција кај меѓународните партнери.


Пендаровски оддаде почит на гробот на Панко Брашнаров во Загреб

Претседателот Стево Пендаровски, кој престојува во официјална посета на Хрватска, на гробиштата „Мирогој“ во Загреб положи венец и оддаде почит на гробот на македонскиот револуционер и потпретседател на Президиумот на АСНОМ, Панко Брашнаров.

Пендаровски беше запознаен со напорите за враќање на посмртните останки на Брашнаров во родниот Велес.

На спомен-плочата, поставена на гробот, е испишано „Животворниот извор на слободата не секна“, извадок од поздравниот говор на Панко Брашнаров на 2 август 1944 година, на Првото заседание на АСНОМ во Манастирот „Св. Прохор Пчињски“.