Фото: Дирекција за Технолошки Индустриски Развојни Зони

Директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриските развојни зони Гоце Димовски денеска остварил средба со Кемал Аманоел, главен менаџер на компанијата Каво Отомотив (Cavo Otomotiv) која планира да отвори фабрика во ТИРЗ Тетово.

На средбата, како што соопшти прес-службата на ТИРЗ, се разговарало за текот на инвестицискиот проект кој би требало да отвори над 400 нови работни места, за потенцијалите што ги нудат зоните, како и за условите и поддршката што државата ги обезбедува за инвеститорите.

Од страна на компанијата Каво Отомотив било изразено задоволство од досегашната комуникација и соработката со институциите, како и интерес за навремена реализација на инвестицијата. Аманоел истакнал дека компанијата ја препознава земјава како стабилна и конкурентна дестинација за долгорочни инвестиции, со квалификувана работна сила и поволна геостратешка позиција.

Димовски посочил дека ваквите инвестициски проекти се од особено значење за целата национална економија, земајќи предвид дека тие придонесуваат за економскиот раст, зголемување на извозот и отворањето нови работни места. Тој истакнал дека државата преку ТИР зоните обезбедува стабилна и предвидлива бизнис клима, како и целосна институционална поддршка за успешна реализација на инвестициите.

– По започнување на иницијалните разговори за потенцијална инвестиција во март минатата година, проектот за оваа инвестиција е во напредна фаза, при што интензивно се работи на финализирање на сите предуслови за негова реализација – велат од Дирекцијата на ТИРЗ.

Мултинационалната корпорација Каво Отомотив  работи во индустријата за автомобилска опрема, дизајнира и произведува безбедносни производи, како и разни механизми и оперативни кабли за многу водечки производители на автомобили. Освен во Турција, компанијата е присутна и во Канада, Германија и Словачка, а потенцијалната инвестиција во рамки на ТИРЗ ќе има клучно значење како за Македонија, така и за Европа.