Туризмот со своите потенцијали кај нас претставува голема можност за македонската економија, која треба да го искористи како катализатор на нејзиниот раст. Треба подготвени да го дочекаме и отворениот Балкан, кој за туризмот претставува голема шанса, укажуваат туристичките работници
Неопходни се повеќе предуслови за долгорочен развој на туристичкиот сектор, почнувајќи од негово целосно осмислување и осовременување, па сѐ до негово прифаќање од сите како придобивка и насочување кон негова поддршка. Потенцијалите на овој сектор се големи и неговиот развој може да биде двигател за развој на многу други потсектори. Упатените објаснуваат дека има многу аспекти што треба да се подобрат за да привлечеме повеќе туристи, почнувајќи од инфраструктурата, комуналните предуслови, хигиената, но и гарантирање на безбедноста.
Претседателот на здружението на хотелиери ХОТАМ, Крсте Блажевски, објаснува дека туризмот има голем потенцијал и додава дека за Македонија да привлече повеќе туристи, со кои би имало и поголем девизен прилив, треба подобрување на понудата и услугите во сите области поврзани со туризмот. За да станеме попривлечна дестинација има многу сегменти за подобрување, од формирање урбанистички планови, па сѐ до елиминирање на ѓубрето.
– Историски ако погледнеме што сѐ се случувало во Македонија во туризмот изминативе триесетина година, од осамостојување немаме многу постигнато, иако имаме голем потенцијал. Ако ги погледнеме хотелските капацитети во земјава ќе видиме дека се истите, барем во Охрид и во Струга и ски-центрите во земјава, генерално малку е инвестирано во нови, современи капацитети што ќе привлечат побогати клиенти, за да има поголем девизен прилив. Недостига план за инвестиции, одлучност во која насока ќе се гради туризмот. Честопати се најавува рушење, стопирање градби, што е резултат на недостиг од ДУП-ови, но тоа го кочи развојот на туризмот. Потребни се детални планови, долгорочни, развојни, кои ќе овозможат развој на крајбрежјето на Охридско Езеро и на сите туристички дестинации. Се бараат странски инвестиции, а немаме ДУП-ови, како ќе се гради ако нема основа за градба. Пред осамостојувањето се граделе хотели со придружна инфраструктура, а денес се преправаат одморалишта до ниво од четири ѕвезди. Со ранг од четири ѕвезди, не можеме да градиме туризам за висока класа, кој ќе носи повисок девизен прилив – објаснува Блажевски.
Посочува дека за развој на Охридскиот Регион, неопходни се придружни елементи, како голем трговски центар од затворен тип меѓу Охрид и Струга, воден парк од јавен карактер, дополнет со забавен парк. Меѓу проектите што можат да ја направат дестинацијата попривлечна е и изградба на патека за љубителите на спортот што ќе ги поврзе двата града, но и посебна бродска линија во Охридско Езеро што ќе поврзува поголеми дестинации.
Развој на различни туристички сегменти
Според Блажевски, неопходно е во Охрид и во Струга да се изградат олимписки базени, кои ќе овозможат организирање спортски настани. Истовремено, спортот да се подигне на повисоко ниво, за да можат да се учествува на меѓународни натпревари со кои ќе се промовираме и ќе привлекуваме посетители. Значаен сегмент за привлекување туристи, истакнува претседателот на ХОТАМ, е елиминирање на ѓубрето и депониите, намалување на буката и подобрување на сообраќајот.
– Ни недостига активен, спортски, здравствен и религиозен туризам. Имаме капацитети и ако тие се искористат ќе имаме поголем прилив на туристи. Придонес ќе има ако се подобри јавната безбедност, но и безбедноста во сообраќајот, потоа подобра организација на превозот, почнувајќи од аеродромот, па сѐ до јавниот превоз, каде што недостига унифицираност на такси-превозот, од таблите на такси возилата, па сѐ до униформи и до возилата што смеат да се користат. Изгледот на влезовите во големите туристички локации треба да се подобри, да се остави подобар впечаток.
Важно е туристичките центри да имаат впечатлив белег што ќе ги воодушеви посетителите. Дополнително ако се осврнеме на зимскиот туризам, не треба да сме препознатливи како најевтини, туку напротив, да сме организирани да привлечеме повеќе туристи. Шапка ја следи, за жал, лош глас поради недостиг од паркинг-места.
Би требало во близината на ски-центрите да имаме повеќе поскапи сместувачки капацитети, кои ќе понудат подобра услуга и ќе наплатат поскапо, а подалеку од ски-центрите да бидат поевтините, за да се искористат потенцијалите на локацијата. Исто така треба добро осмислена кампања за промоција на нашите центри, не само да се најавуваат нови планови за нови капацитети, кога ние постојните не ги користиме максимално – посочува Блажевски и додава дека формирање министерство за туризам ќе придонесе за развој на секторот, чии надлежности сега се опфатени во повеќе институции. Посочува дека се неопходни многу инвестиции и многу труд за дестинациите да станат привлечни за посетители, а потоа и реклами, бидејќи и маркетингот не го постигнува ефектот ако дестинациите се нефункционални.
Подобрување на инфраструктурата, сместувачките капацитети,
промоцијата…
Првиот човек на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, за „Нова Македонија“ објаснува дека ако го анализираме последниот десетгодишен период пред пандемијата и континуираниот раст во туристичкиот сектор, кој во македонската економија изразен во БДП има удел околу 3 проценти, спореден со регионот, чиј процент просечно е 11 отсто, смета дека има можности за поголем развој и привлекување повеќе туристи во нашата земја.
– Познавајќи ја проблематиката во туризмот и неговиот холистички пристап со влијание услужно на повеќе од 20 економски гранки ќе сфатиме дека воопшто не е лесно да се развива туризмот доколку сериозно и долгорочно не се планира во повеќе сфери. Пандемијата ги покажа недостатоците во македонскиот туристички сектор, односно потребата од секојдневно надградување на повеќе полиња, почнувајќи од инфраструктурата, сместувачките капацитети, промоцијата, човечките ресурси и воопшто нашиот пристап кон туризмот. Градењето на туризмот во Македонија треба да се базира на подобрен закон за туристичка дејност, кој во себе ќе ги содржи сите потребни елементи за развој, следен од долгорочна стратегија во секторот, која ќе биде насочена кон негов развој и инвестиции. Создавање на национална туристичка организација или АППТ да израсне во ова тело, ќе овозможи привлекување инвестиции во секторот, подобра промоција, искористување на ЕУ-фондовите и други донаторски линии, односно дирекно ќе работи со туристичкиот сектор во развој на дестинацијата. Можеби и сега новата влада да постави министер без ресор што би работел на полето од туризмот, со што Владата би ги покажала сериозноста и потребата од туризмот во Македонија. Туризмот со своите потенцијали кај нас претставува голема можност за македонската економија, која треба да го искористи како катализатор на нејзиниот раст. Треба подготвени да го дочекаме отворениот Балкан, кој за туризмот претставува голема шанса – посочува Јаневски
Директорот на АППТ смета дека за развој на туристичкиот сектор во Македонија и за подигање на оваа гранка на едно повисоко ниво, со што би се привлекле и повеќе туристи од различни региони, треба да се работи на секое поле и да се подобрува услугата од понудата, па сѐ до рекламите низ светските медиуми.
– Големата зависност од странските туроператори треба да ја дополнуваат домашните кога е во прашање дојдовниот туризам. Само 3 проценти од домашните туристички агенции со лиценца А, сериозно го работат дојдовниот туризам, а уште помалку од нив практикуваат алтернативни форми на туристичка понуда и мали групи на туристи. Многу често се споредуваме со Србија, Хрватска, Црна Гора, Албанија или Словенија во потребата од бројност на туристи, остварени ноќевања, девизен прилив и тие бројки сите сакаме да ги достигнеме во македонските капацитети. Но ајде да направиме една компарација кога е промоцијата во прашање. Србија само за кампања на Гугл и Јутјуб има планирано 680.000 евра во 2021 г., Словенија 2,200.000 евра, Црна Гора со сличен буџет како Србија, а Хрватска за комплетна промоција на дестинацијата 32.000.000 евра. Овие суми ако се споредат со буџетот на АППТ за 2021 и 2022 година, ќе останеме без коментар. Потребни се државна кампања во туризмот што беше предложена од АППТ и брендирање на дестинацијата со туристички слоган. Логото ќе создаде дополнителна перцепција и мотив да бидеме посетени – посочува Јаневски.
Вложување во човечки ресурси
Наедно директорот на АППТ вели дека континуирано вложување во човечки ресурси е нужност бидејки без нив нема квалитет, ниту иновации, или, пак, уникатност на повеќе полиња во туризмот и долгорочен развој.
– На ова поле е потребна уште поголема соработка на факултетите и туристичкиот сектор во создавање кадри според потребите на пазарот во туризмот. Пандемијата донесе нова реалност во туризмот, а ние треба да ја прифатиме и многу брзо да се приспособиме на новите патувачи и нивните интереси. Закрепнувањето и градењето на туристичкиот сектор во Македонија треба да биде на зелена основа. Можностите и перспективите се големи, но потребни се вложувања и создавање нови атракции, кои ќе ги третираат новите туристички форми. Помал број туристи што ќе остануваат подолго во дестинацијата барајќи нови искуства и динамика во одморот. Услугите ќе претставуваат зголемено вонпансионско трошење и позитивно влијание во локалната економија. За ова да се случи, потребно е сите заедно да работиме за многу брзо ги достигнеме бројките од 3,2 милиони ноќевања, а веќе во 2025 година да ја поминеме бројката од четири милиони со многу поголем девизен прилив – посочува Јаневски.
Професорот Науме Мариноски од Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, објаснува дека туризмот поттикнува развојот на повеќе економски области, не е само посета на сместувачки капацитети или ресторани туку опфаќа трговија, сообраќај, услужно занаетчиство…
– Кога зборуваме за туризмот, мора да се има предвид дека ова е комплексен процес каде што не може одделно да се разгледуваат различни сегменти или да се дели меѓу домашни и странски туристи. Потребен е дестинациско-организациски менаџмент, каде што сите чинители ќе дадат свој придонес. Не може да развиваме туризам без основните услови, како развиени патишта, без вода, без инфраструктура, тоа е основата за развој на туризмот. Притоа кога зборуваме за инфраструктура не се мисли само на хотелите, на сместувачките капацитети, туку целосна уреденост на просторот, опременост со потребните комунални предуслови, потоа хигиената да е на многу повисоко ниво, но и безбедноста е исто така значајна, како здравствената така и сите други видови – додава Мариноски.
Според него, потребен е постудиозен пристап за да имаме посодржаен туризам, и додава оти за развој на туризмот би било подобро да има кластерски приод, каде што секој чинител што наоѓа интерес во туризмот да се вклучи во организацијата, не да дејствува изолирано како поединечен сектор.
– Со концептот на дестинациско-организациски менаџмент се вклучуваат сите релевантни чинители во дестинацијата, од угостители, преку занаетчии, трговци, сообраќајни чинители и сите заедно ќе овозможат оптимално уредување и настап на туристичкиот пазар – истакнува Мариноски.