Намалувањето на непродуктивните трошоци, одредени резултати од напорите за подигнување на економската активност, како и домаќинското и транспарентно работење се главните причини за намалување на јавниот долг за 4,7 процентни поени (пп), до нивото од 57,7 отсто од бруто-домашниот производ (БДП)
Регистрирано намалување на јавниот долг за 4,7 процентни поени (пп), до нивото од 57,7 отсто од бруто-домашниот производ (БДП)
По подолг период македонскиот јавен долг се намали, не само процентуално туку и во апсолутна бројка. Податоците за првиот квартал од годинава покажуваат дека јавниот долг е намален за 36 милиони евра. Според министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, домаќинското работење, намалувањето на непродуктивните трошоци, како и одредени резултати од напорите за подигнување на економската активност придонеле за намалување на јавниот долг за 4,7 пп на нивото од 57,7 отсто од БДП. Според министерката Кочоска, овие резултати се дијаметрално спротивни од оние во времето на претходната влада, кога во истиот период лани јавниот долг бил зголемен дури за 292 милиони евра
– Ние немаме друг избор, освен да работиме домаќински. Премногу се задолживме во изминатите години. Сега граѓаните можат да споредуваат дали работиме домаќински со намален долг од 36 милиони евра во апсолутен износ или некој пред нас работел домаќински кога долгот го зголемил за 292 милиони евра за ист период, почеток на година, и минатата и оваа – вели Гордана Димитриеска Кочоска, министерката за финансии.
Тенденција за намалување на јавниот долг на 55 отсто и проекција за економски раст од 3,7 отсто
Јавниот долг може и дополнително да се намали на 55 отсто од БДП преку висока реализација на инвестициите, кои се спроведуваат пред сѐ во делот на инфраструктурата. Министерката за финансии проектира економски раст од 3,7 отсто годинава и покрај пониските очекувања на меѓународните финансиски институции. Таа најавува и ребаланс на буџетот во јули, пред распишување на локалните избори, за што потврди и премиерот Мицковски.
– Сега веќе имаме точна слика каде и колку треба да се пренасочат средства и затоа ќе имаме една мини-прераспределба, а она што значи ребаланс на буџетот ќе биде некаде во јули пред да ги распишеме изборите – изјави министерката Гордана Димитриеска Кочоска пред да замине за Р Турција.
За потсетување, вкупниот јавен долг во моментов изнесува 9,58 милијарди евра. Државниот долг, пак, изнесува 8,3 милијарди евра. Ова е најнизок јавен долг како процент од БДП во последниве пет години. Е.Р.