Фото: МЗШВ

Секој земјоделец кој сериозно и посветено работи и продуцира земјоделски производ го нарекувам вистински земјоделец. Сите оние кои сакаат да импровизираат или да го заобиколуваат процесот се т.н. ловци на субвенции, смета министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.

Како што соопштија од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, министерот во гостување на телевизијата „Стар“ изјавил дека најгласни во реакциите околу новата Програма се оние кои не учествуваат во земјоделскиот процес и се чувствуваат загрозени дека ќе бидат елиминирани од системот на субвенционирање.

– Ги следам реакциите и можам со сигурност да кажам дека најгласни се оние кои не учествуваат во земјоделскиот процес и се чувствуваат загрозени дека ќе бидат елиминирани од новата Програма. Тие се многу погласни од оние кои сериозно и посветено работат на своите површини и продуцираат земјоделско производство – истакна министерот.

Тој појасни дека е направена детална анализа за тоа каде била државата, каде е сега и каде треба да стигне во наредниот период. За таа цел била формирана посебна работна група што изработила анализа за стратешкиот период 2021–2027 година, со цел утврдување на приоритетите и целите што треба да ги постигне Стратегијата.

Според министерот, податоците од анализата биле загрижувачки, поради што се одлучило да се воведат новини со кои средствата што ги обезбедува државата ќе завршуваат кај вистинските земјоделци.

– Секој земјоделец кој сериозно и посветено работи и продуцира земјоделски производ го нарекувам вистински земјоделец. Сите оние кои сакаат да импровизираат или да го заобиколуваат процесот се т.н. ловци на субвенции – додаде министерот.

Тој нагласи дека со новините во Програмата ќе се воспостави ред во целиот сектор.

– Ако од 2007 година до минатата година се поделени над 1,8 милијарди евра во вид на субвенции, а денес состојбите се безмалку слични или исти како претходните години, неминовно е дека треба да направиме промени – порача министерот.

Тој кажа дека има случаи каде лица поседуваат земјоделско земјиште, но, не го обработуваат, туку го издаваат под наем на некој што навистина сака да произведува храна.

– Вистинскиот земјоделец му плаќа на сопственикот за користење на земјиштето. Сопственикот аплицира за субвенции, државата му ги исплаќа, а тој воопшто не го обработува земјиштето – посочил Трипуновски, образложувајќи ги причините за новините во Програмата.

Министерот додал дека вистинскиот земјоделец, кој плаќа закуп за земјоделско земјиште, не може да добие никаква поддршка од државата, бидејќи таа ја користи сопственикот на земјиштето.

– На тој начин се одлеваат средства од државата кон категорија на луѓе кои не произведуваат – истакнал Трипуновски.

Затоа велиме, додал министерот, ако имате земјоделско земјиште, треба да докажете дека најмалку 30 проценти од вашето производство сте го предале во некој од регистрираните откупни или преработувачки капацитети.

Тој посочил дека теренските контроли и оваа условеност ќе резултираат да субвенциите завршуваат кај вистинските земјоделци.