Вредности, визија и континуитет – лекции од еден врвен тренер

Триглав Осигурување на 15-ти декември, 2025г. во кафе „Литература“ организираше настан со панел-дискусија и промоција на книгата „Моја игра, мој пут – Живот тренера није бајка“ од Светислав Пешиќ, еден од најуспешните и најценетите кошаркарски тренери на денешницата.

Настанот предизвика голем интерес кај деловната и медиумската заедница, нудејќи ретка можност за директна средба и разговор со говорник, чие искуство и животна филозофија се подеднакво применливи во спортот, деловниот свет и секојдневниот живот. Преку лични примери и размислувања, Пешиќ зборуваше за предизвиците на лидерството, значењето на дисциплината, стратегијата, континуираното учење и потребата од рамнотежа помеѓу самодовербата и скромноста.

– Во спортот успехот не лежи во тоа да го работиш само она што го сакаш, туку да го сакаш тоа што го работиш. Животот се менува и јас учам да се менувам. Треба да знаеш како да учиш и да бидеш скромен, да прифатиш дека некој нешто прави подобро од тебе. Тоа не е едноставно, но е најдобриот пат до успехот – истакнува г. Пешиќ во својата книга, нагласувајќи дека токму таа рамнотежа е клучна и за долгорочни резултати.

Главниот извршен директор на Триглав Осигурување, г. Војновиќ, го претстави Светислав Пешиќ, истакнувајќи ги неговите исклучителни професионални достигнувања, како и значењето и привилегијата Триглав Осигурување да биде домаќин на ваков настан, кој што има поширока општествена релевантност.

– Имавме можност да поминеме навистина драгоцено време со светски реномираниот тренер Светислав „Кари“ Пешиќ, кој на исклучително автентичен начин ги сподели своите долгогодишни искуства, кои што лесно и директно можат да се применат во деловен контекст. Токму од таа причина ја организиравме и оваа панел-дискусија. Цврсто верувам дека принципите на комуникација, дисциплина, колектив, тимска игра и почитување на конкуренцијата, длабоко втемелени во спортот, се неразделно поврзани и со секојдневниот деловен живот. Да се слушнат неговите пораки беше вистинско уживање и моќна инспирација – истакна г. Војновиќ.

Панел-дискусијата ја водеше Љубомир Николовски, долгогодишен реномиран познавач на спортот, кој со внимателно насочени прашања овозможи динамичен и суштински разговор, близок и разбирлив за публиката од различни професионални профили.

Со организацијата на овој настан, „Триглав Осигурување“ уште еднаш ја потврди својата посветеност кон создавање платформи за размена на знаење, инспирација и вредности, кои ја надминуваат рамката на една индустрија. Компанијата овозможи деловната заедница во земјата да слушне исклучителен говорник, чии искуства и пораки нудат практични насоки за личен и професионален развој, за носење одлуки, градење тимови и одржлив успех.

Настанот испрати јасна порака дека принципите на успехот – без разлика дали во спортот, бизнисот или животот – се универзални кога се темелат на работа, визија, учење и вистински вредности.