Фото: Маја Јаневска Илиева

Синдикатите, работодавачите и Владата треба слободно да склучуваат колективни договори, но уште поважно – постигнатите договори мора да се почитуваат. Договорените зголемувања на платите од претходната влада треба да се реализираат, порача генералниот секретар на Меѓународната конфедерација на синдикати, Лук Триангл, по средбата со синдикалните лидери во Сојузот на синдикатите на Македонија, пренесе МИА.

Тој нагласи дека е неприфатливо голем број работници да примаат плата под линијата на сиромаштија и дека е време фокусот да се префрли од минимална плата кон плата што овозможува достоинствен живот. Според него, недозволиво е лице со полно работно време да не може да ги покрие основните трошоци.

Триангл посочи дека во земјата има назадување во социјалниот дијалог и дека препораките на Меѓународната организација на трудот од 2023 година не се доволно имплементирани. Иако законите се солидни на хартија, проблемот, како што рече, е во нивната примена, поради што е неопходен ефикасен систем што ќе обезбеди нивно спроведување.

Тој изрази загриженост за состојбата со работничките и синдикалните права, нагласувајќи дека постојат континуирани прекршувања, вклучително и на основните конвенции за слобода на здружување и колективно договарање. Особено загрижуваат, додаде, негативните кампањи насочени кон синдикалните лидери.

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, истакна дека на средбата се разговарало за притисоците врз синдикатите, ограничувањата во колективното договарање и ниската минимална плата. Тој посочи дека ССМ повеќе од една деценија се залага за зголемување на платите.

Според Трендафилов, наместо решавање на проблемите, Владата врши притисок врз синдикалното раководство. Тој додаде дека ССМ ги информирала меѓународните организации за состојбата и дека ќе продолжи да се бори за повисоки плати, почнувајќи од зголемување на минималната плата, што би влијаело на растот на сите останати примања.