Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, денеска соопшти дека утре ќе има блокада на Стопанската комора, на Организацијата на работодавачите и на Бизнис-конфедерацијата. Блокадата ќе почне во 12 часот на крстосницата пред Стопанската комора.
– Да не се грижат. Повторно ќе бидеме 21 претставник на Синдикатот, онолку колку што е потребно во согласност со законскиот минимум за да излеземе на улица и да блокираме. Пред Стопанската комора ќе блокираме газди што ги блокираат работниците 36 години. Газди што одбија до крајот на минатата година да ги зголемат работничките плати и да ја зголемат минималната плата, а кукаат дека квалификуваните работници заминуваат од Македонија и дека не може да ги задржат. Ќе блокираме газди што се исплашија од нападите на Владата и од политичките партии – рече Трендафилов. Додаде дека ќе блокираат сè додека не се донесе одлука за зголемување на минималната плата на најмалку 600 евра и за зголемување на сите други за 6.000 денари.
Трендафилов ги повика работниците кои утре ќе може да им се придружат барем и на пет минути затоа што, како што рече, другите ги бројат.
– По завршување на блокадите, ќе повикаме на голем работнички протест, на кој ќе организираме превоз од сите градови и ќе им дадеме шанса на сите работници. Протест што ќе биде организиран во неработен ден за да излеземе многу повеќе од 21 човек на улица пред да го организираме генералниот штрајк во јавниот и во приватниот сектор доколку и понатаму продолжат со игнорантскиот однос – изјави Трендафилов.
Посочи дека има плата од 57.000 денари и нема да се откаже сè додека не се постигне зголемување на работничките плати.
Претседателот на ССМ побара МВР, министерот Тошковски и Обвинителството веднаш да преземат мерки против пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, која, како што рече, „му ги објавила малолетните деца за да може сите да ги оцрнуваат и на таков начин да го уценуваат“. Побара од претседателот на Собранието, Гаши, да поведе постапка за одземање на пратеничкиот имунитет на Стојаноска.
Изрази благодарност до инспекторите во МВР, кои во текот на вчерашниот ден ги презеле сите мерки за кривичен прогон и ги обезбедиле сите потребни докази. – Поставувам прашање до министерот за внатрешни работи: дали службите го следат претседателот на ССМ и дали му ги снимаат децата на претседателот на ССМ. Дали се поединци и ако се поединци, веднаш да ги уапсат. Јавниот обвинител веднаш да покаже дека правдата е еднаква за сите и дека сите ќе ги стигне – рече Трендафилов. Додаде дека објавувањето малолетни деца е злоупотреба и не е дозволено никаде во светот. Најави дека за овој случај ќе ги извести сите амбасади, Делегацијата на ЕУ, братските синдикати на Меѓународната и на Европската конфедерација на синдикатите и Меѓународната организација на трудот (МОТ).































