На секој први во месецот, пензијата ќе биде навремено исплатена и достапна за секој пензионер во државата, посочи денеска министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.
Таа информираше дека на 6 септември е закажана конститутивната седница на членовите на работната група и таму ќе се разговара за сите прашања поврзани со пензионерите и со минималната пензија.
– Предвременото исплаќање на пензиите се вршеше согласно меморандумот за соработка со Банкарска асоцијација на Македонија, со цел да не се создаваат гужви и да се заштити здравјето на пензионерите за време на ковидот. Со оглед на тоа дека повеќе немаме пандемија со ковид, од Банкарската асоцијација се повлекоа од предвременото исплаќање, но сега од буџетот на државата, на секој први во месецот навремено ќе биде исплатена пензијата – изјави Тренчевска по пуштање во употреба на детската градинка во Карпош 3, во одговор на новинарско прашање.
Тренчевска се сретна и со претседателот на партијата на пензионери, Илија Николовски и претставници од партијата. На средбата се разговараше за актуелните барања на пензионерите за покачување на пензиите како и потенцијалните решенија кои можат да донесат подобар квалитет на живот на ранливите категории на пензионери.
Тренчевска посочи дека во периодот кој што следи ќе се креираат социјални мерки кои директно ќе влијаат на квалитетот на живот на пензионерите со најниски примања и исто така таа посочи дека посветено ќе се работи и на Законот за минимална пензија.
Николовски на министерката и приложи предлози креирани од Партијата на пензионери кои можат да го подобрат квалитетот на живот на пензионерите, додека од страна на министерката беше истакнато дека истите ќе бидат разгледани и внесени во материјалите за работа при носењето на решенија за пензиите.
Министерката на крајот од средбата покани претставник од Партијата на пензионерите на првата средба на работната група која ќе работи на Законот за минимална пензија и социјалните мерки, а ќе се одржи на 6ти септември.