Царините го менуваат светот, кој ќе добие, а кој ќе изгуби во „новиот свет“
По долги години глобализација и поврзување на голем број земји во светот преку економска соработка, но и дополнување на меѓусебните потреби, светот сега е исправен пред нови предизвици, но и нови „пријателства“.
Со воведувањето на тарифите од страна на американскиот претседател Доналд Трамп, светот е исправен пред нови економски и трговски комбинаторики, особено што со промените што ги најави се засегнати сите земји во светот.
Иако најавите и плановите беа дека САД ќе се бранат од непринципиелноста на многу досегашни т.н. трговски партнери „што профитирале на грбот на САД“, од воведувањето на тарифите, информациите на многу релевантни институции бележат дека „бенефитите за САД засега се во апстиненција“.
На пример, според официјални информации од Бирото за економски анализи на САД, бруто-домашниот производ (БДП) на САД се намалил со годишна стапка од 0,3 проценти во првиот квартал од 2025 година.
Тоа претставува пад по годишниот раст од 2,4 отсто во претходниот квартал. Падот беше поттикнат од падот на владините трошоци и зголемувањето на увозот за повеќе од 40 проценти, бидејќи компаниите брзаа да увезуваат поевтино пред царините.
Огромен увоз пред царините, пад на потрошувачката…
Иако увозот се зголеми за околу 41,3 отсто во првите три месеци од оваа година, „се чини дека увозот сега се менува“, според Пол Ешворт, главен економист за Северна Америка во „Капитал економикс“.
Растот на потрошувачката исто така забави во споредба со крајот на минатата година, со раст од 1,8 процент, но намален е во однос на претходниот квартал за 4 отсто. Министерот за финансии Скот Бесент ги повика луѓето да се фокусираат помалку на расположението и емоциите, а повеќе на цврстите податоци, додека се обидуваат да проценат како се справува економијата.
Овој извештај, кој се фокусира на периодот пред да бидат објавени најдалекосежните тарифи на американскиот претседател Доналд Трамп, веројатно, според аналитичарите, сѐ уште нема јасно да покаже „кој е навистина виновен за падот“.
Економистите претходно предупредија дека ризикот од пад на американската економија во рецесија оваа година е близу 50 отсто.
– Многумина брзо ќе ги променат тие очекувања, плашејќи се дека зголемувањето на цените за домаќинствата и бизнисите ќе дојде дури и порано од предвиденото и ќе биде уште поакутно. Не треба да заборавиме дека Американците учествуваат со еден долар од шест долари во глобалната потрошувачка – ако не купуваат, на другите земји им е потешко да продаваат. Затоа, кризата би можела да има глобално влијание, пишува Би-би-си.
– Во иднина, сметаме дека инфлацискиот шок што ќе ги погоди и потрошувачите и бизнисите ќе ја намали потрошувачката и ќе ги намали капиталните трошоци на корпорациите – рече Кен Ким, виш економист во КПМГ, додавајќи дека тоа ќе „го ослабне растот до крајот на оваа година“.
Трамп најавува нови инвестиции и отворање нови работни места
Во меѓувреме, Трамп се пофали со инвестиции од над пет трилиони долари, за кои тврди дека ќе создадат повеќе од 450.000 нови работни места и ќе воведат ера на „американски просперитет“. Тековните и планираните инвестиции вклучуваат 500 милијарди долари од Софтбанк, со седиште во Јапонија, и „ОпенАИ“ и „Оракл“, со седиште во САД, уште 500 милијарди долари од „Епл“ за производство и обука во САД, и 500 милиони долари од „Нвидиа“ за инфраструктура за вештачка интелигенција во САД. Дополнително, според изјавите од Белата куќа, ветени се СДИ (странски директни инвестиции) од одредени пријателски влади, вклучувајќи 1,4 милијарда долари од ОАЕ, една милијарда долари од Јапонија и 600 милијарди долари од Саудиска Арабија.
На Трут соушл, Трамп тврди: „Ова е берзата на Бајден, а не на Трамп“.
– Не ја презедов функцијата сè до 20 јануари. Тарифите ќе стапат во сила, а компаниите се селат во САД во рекорден број. Нашата земја ќе процвета, но мора да се ослободиме од „товарот“ на Бајден. Ова ќе потрае, НЕМА НИКАКВА врска со царината, само нè остави со лоши бројки, но кога ќе почне бумот, ќе биде како никогаш досега, БИДЕТЕ ТРПЕЛИВИ!!!“ – вели тој.
Критичарите на политиките на претседателот Трамп, поради показателите на стагнација, се засилија. На пример, за издвојување е ставот на конгресменот од Њујорк, Ричи Торес. Тој ја критикуваше Белата куќа на социјалните мрежи поради најновата вест дека американскиот бруто-домашен производ (БДП) се намалил во овој квартал.
– Официјално е: Доналд Трамп конечно ја ослободи американската економија – но од раст. БДП е намален за 0,3 отсто – истакна тој на Икс, потсмевајќи се и заклучувајќи: „Тој повторно ќе ја направи рецесијата голема“.
– Во иднина, сметаме дека инфлацискиот шок што ќе ги погоди и потрошувачите и бизнисите ќе ја намали потрошувачката и ќе ги намали капиталните трошоци на корпорациите – рече Кен Ким, виш економист во КПМГ, додавајќи дека тоа ќе „го ослабне растот до крајот на оваа година“.
ЕУ сè повеќе се свртува кон Кина во потрага по неопходен ресурс
Европската Унија, која исто така е засегната по воведувањето на царините, сега сè повеќе се свртува кон Кина за снабдување со тешко достапни ретки земни метали (познати под кратенката РЕМ на англиски) и ги напушта претходните договори за увоз со Русија.
Кина доминира во преработката на ретки земни метали, контролирајќи над 90 отсто од светскиот капацитет за преработка на РЕМ, кои се клучни за производство на електрични возила, софистицирани микрочипови и технологија за обновлива енергија. ЕУ сега ги менува испораките во контекст на ескалацијата на трговската војна меѓу Брисел и Вашингтон и се надева дека ќе ги искористи влошените односи. САД исто така се речиси целосно зависни од Кина за увоз на РЕМ, но откако Кина го ограничи извозот на седум клучни РЕМ во САД, ЕУ се надева дека ќе се вмеша и ќе го преземе извозот на овие метали, пишува „Бнењуз“.
Ретките земни метали се група од 17 хемиски елементи, кои всушност не се ретки, но тешко се наоѓаат во потребните концентрации и тешко се обработуваат бидејќи рудите често содржат природно присутни радиоактивни материјали како што се ураниум и ториум. Елементите се широко користени во широк спектар на производи: од батерии и акумулатори за електрични и хибридни автомобили, производство на компјутери, ветерни турбини, автомобилски катализатори, телевизори, ласери, суперспроводници, па дури и воено оружје. Некои од ретките метали се неопходни за производство на млазни мотори, системи за водење ракети, системи за противракетна одбрана, сателити и ласери. На пример, хемискиот елемент лантан е неопходен за производство на инструменти за ноќно извидување.
Европа со децении беше милениче на САД, а сега Брисел ѝ се умилкува на Кина
Претходно имаше корист од децениски „специјален однос“ со САД, но тој сега брзо се влоши, принудувајќи го Брисел да ги зајакне своите врски со Кина, додека се справува со невидена промена во геополитичката рамнотежа на моќ од крајот на Втората светска војна. Брисел сè уште е претпазлив кон Пекинг, но со оглед на тоа што односите со Вашингтон се распаѓаат, сојузот меѓу Кина и ЕУ е очигледна противтежа на ставот на американскиот претседател Доналд Трамп. РЕМ и критичните минерали станаа стратегиски фокус за креаторите на политиките на ЕУ, кои сакаат да обезбедат стабилни и разновидни синџири на снабдување.
Во 2020 година, земјите членки на ЕУ увезоа 10.700 тони ретки земни метали во вредност од 72,3 милиони евра. Во тоа време, Русија учествуваше со повеќе од половина од вкупниот увоз по вредност, додека Кина испорача 43 проценти, а другите земји придонесоа само со 6,5 отсто. До 2021 година, вкупниот увоз се зголеми на 16.900 тони, а пазарниот удел на Русија падна на 27,2 проценти. Уделот на Кина, исто така, падна на 35,5 отсто, додека алтернативните доставувачи заземаа сè поголем дел од пазарот. Врвот на увозот на ретки метали во ЕУ беше во 2022 година, кога количествата достигнаа 18.400 тони со вкупна вредност од 145,7 милиони евра. Кина ја врати динамиката, снабдувајќи 40,2 проценти од вкупниот увоз на ЕУ, додека уделот на Русија дополнително се намали на 24,5 отсто. Значајно е што другите доставувачи – вклучувајќи ги земјите како САД, Малезија и Австралија – го зголемија својот удел на 35,3 проценти.
Зголемување на увозот и значајно свртување кон Кина
Во 2024 година, ЕУ увезе 12.900 тони ретки земни елементи во вредност од 101,5 милиони евра. Кина дополнително ја зајакна својата позиција, обезбедувајќи 46,5 отсто од вкупниот износ, додека уделот на Русија малку се подигна на 28,7 проценти. Уделот на другите земји падна на 24,8 отсто, што го одразува зголемениот билатерален трговски тек меѓу Брисел и Пекинг. Трендот нагласува поширока реконфигурација на клучната стратегија на ЕУ за суровини во светлината на затегнатите односи со Москва по руската инвазија на Украина во 2022 година. Во исто време, Кина ја зајакна својата доминација во глобалната преработка и извоз на ретки метали, и покрај напорите на ЕУ да ја зголеми отпорноста на синџирот.
Официјалните претставници на ЕУ ја нагласија потребата од диверзификација и стратегиска автономија во критичните материјали, но најновите бројки покажуваат дека блокот останува во голема мера зависен од надворешни доставувачи.
– Намалувањето на зависноста од еден единствен извор е клучно за долгорочните економски и безбедносни интереси на Европа – изјави Европската комисија во неодамнешното ажурирање на Законот за критични суровини. Е.Р.
„Ројтерс“: Цените на нафтата го забележаа најголемиот месечен пад од 2021 година
Цените на нафтата го продолжија трендот на опаѓање, упатувајќи се кон најголемиот месечен пад од ноември 2021 година, објави „Ројтерс“.
Брент-нафтата падна под 60 долари за барел, додека американската западна тексашка интермедијарна сурова нафта падна на 57,06 долари. И двата реперни индекси изгубија околу 15-16 отсто во април. Според пазарни извори, резервите на сурова нафта во САД се зголемија за 3,8 милиони барели минатата недела, што дополнително ги зголеми загриженостите за прекумерна понуда на глобалните пазари. Падот на цените на суровата нафта започна на почетокот на април кога американскиот претседател Доналд Трамп објави нови царини за увоз. Кина одговори со свои царини, предизвикувајќи трговска војна меѓу најголемите светски потрошувачи на нафта.
Неодамнешните податоци објавени од „Ројтерс“ покажуваат економски проблеми на главните пазари. Американската економија се намали во првиот квартал. Производната активност во Кина падна со најбрза стапка во последните 16 месеци. Порано овој месец, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, призна дека Русија „внимателно ги следи“ пазарите на нафта, бидејќи цените на суровата нафта на Урал паднаа кон 50 долари за барел. Овој пад е особено загрижувачки за Москва бидејќи нејзиниот буџет за 2025 година е планиран врз основа на цена на нафтата од 70 долари за барел. Министерството за финансии на Русија објави дека приходите од нафта и гас веќе се намалиле за 17 отсто на годишно ниво во март на 1,08 трилиони рубли (12,8 милијарди долари), што резултирало со загуба од приближно 230 милијарди рубли (2,7 милијарди долари) во даночните приходи во споредба со март 2024 година. Е.Р.