Тест-проба на 10-мегаватната фотонапонска централа „Осломеј 1“ беше извршена денеска. На настанот, со кој беше одбележано завршувањето на градба на фотонапонската електрана, меѓудругите, присуствуваа и премиерот Димитар Ковачевски, министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на ЕСМ Васко Ковачевски, вицепремиерот Артан Груби и лидери на политички партии.
Во обраќањето премиерот Ковачевски нагласи дека овој капацитет е прв во земјава од кој ќе се добива чиста енергија. Се работи, додаде тој, за капацитет од 10 мегавати, а ќе може да ги задоволи потребите на 2.800 домаќинства во земјава.
– Ова е прв капацитет во Југоисточна Европа кој произведува чиста енергија. Покрај производството на електрична енергија при изградбата на овие фотонапонски централи вршиме и рекултивизација на земјиштето што е од огромно значење. Првата соларна фотонапонска централа е изградена со кредит од ЕБОР во износ од 7 милиони евра – истакна Ковачевски.
Според него, тест-пробата што се врши денеска и скорешно официјално пуштање во употреба на фотонапонската централа, за земјава значи движење кон производство на чиста енергија што е и заложба на ЕУ.
Дополнително, рече премиерот, ЕСМ работи на нова студија за уште една електрана со капацитет од 10 мегавати, а потпишани се договори за изградба на уште две фотонапонски електрани, со што, како што истакна, Осломеј од јаглен целосно ќе помине на користење обновливи извори на енергија.
Премиерот најави дека наскоро ќе се пристапи и кон изградба на хидроцентралата „Чебрен“ што ќе биде уште еден капацитет кој ќе ни овозможи производство на електрична енергија од обновливи извори, рече Ковачевски.