Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски порачува дека никој не може со сигурност да предвиди што ќе се случува зимава на полето на енергетиката.
– Порано проблем беше цената, а сега може да се случи она што се случи во Бугарија и Полска – нема гас. Тешко е тоа да се предвиди. Втора работа е дали може да ја издржи нашата економија цената на природниот гас што е сега. Се поставува и прашањето што ќе правиш доколку немаш купувачи на гас. Во моментов цената на гасот на берзата во Холандија е 96,6 евра за мегават час. Тоа треба да се помножи по 10,5 и ќе се добие цена од околу 1.000 евра. Тоа е цена само за да го добиеш гасот. Покрај тоа, има и трошоци за траенспорт низ туѓи држави, трошок за трговецот кој треба да има некоја маржа. Негативно влијае и курсот на доларот кој постојано оди нагоре и е речиси едно евро за еден долар. Затоа никој не може да предвиди што ќе се случува – изјави Бислимоски за МИА.
Тој прецизира дека предвидувањето на Виенската берза за цената на гасот за јуни годинава изнесува 103 евра за мегават час, за јули 104, август 104, септември 104, за третиот квартал од годинава 103 евра, за четвртиот 105 евра, за прв квартал 2023 година 104 евра, а во вториот квартал 88 евра. Сето тоа треба да се помножи по 10,5 плус да се додадат трошоците за транспорт и маржи и други трошоци.
-Гасот сѐ уште доаѓа во земјава, каква е цената, таква е, но никој не може да каже што ќе се случи доколку Русија нѐ прогласи за непријателска земја и да каже нема гас. Тогаш ќе биде екстремно тешко. Можно е преку Бугарија да дојде азербејџански гас од гасоводот ТАБ доколку Бугарија навреме го заврши приклучокот. Сепак, до крајот на годинава Макпетрол има обезбедено гас за зоните освен ако нешто драматично не се случи – посочи Бислимоски.
Со моменталните цени на гасот, како што истакна, сите наоѓалишта на гас во светот стануваат атрактивни дури и оние за кои порано воопшто не било исплатливо да се експлоатираат. Суштинско прашање сега е дали можат економиите во Европа да ја издржат сегашната цена на гасот и до кога. Прашање е и дали можат да издржат и владите со постојани субвенции.
Како добра опција ја посочи изградбата на Енерџи терминалот во Александрополи во Грција каде и земјава има удел, но неговата реализација се предвидува да заврши за околу две години кога треба да биде и готов и нашиот гасен интерконектор со Грција.
„Енерџи терминал“, прецизира, е платформа каде што ќе се носи гас и од терминалот трговците ќе го купуваат.
– Тоа е како да си ископал гас во своја земја. Наша предност од Енерџи терминалот во Александрополи е што ќе ни биде гарантирана одредена количина на гас. Земјава плаќа 10 милиони евра учество во изградбата на терминалот, а Грција веќе има свој гасовод до Александрополи – посочи Бислимоски.
Нам ни останува, додаде, да изградиме интерконективна врска со Грција за да се поврземе со нивниот оператор за гас ДЕСФА.
-И да не беше Енерџи терминалот во Александрополи ние ќе ја направевме интерконективната врска со Грција за да се приклучиме на гасоводот ТАБ преку кој се транспортира гас од Азербејџан. ТАБ ни треба за да го добиеме азербејџанскиот гас за да не зависиме само од рускиот гас кој во моментов единствено ни е достапен преку интерконекторот со Бугарија. Ние сме една од ретките земји во моментов што 100 процентно зависат од руски гас. Затоа е добро да се направи и овој интерконектор за да имаме диверзификација – нагласи Бислимоски.
Во моментов, како што кажа, ни Германија не може целосно да го замени рускиот гас. Опција за земјава е и приклучокот што Бугарија го гради со Грција со кој ќе се поврзе на гасоводот ТАБ, кој е во завршна фаза.
-Најбитни за снабдувањето со гас се прекуграничните преносни капацитети што се на граница помеѓу државите. Поентата ми е да се искористи капацитетот што ни е слободен во гасоводот и да се даде на располагање на друг трговци ако дојде гас преку Бугарија од друго место – истакна Бислимоски.
Како добра опција го посочи и поставувањето на фотонапонски електрани на покривите на домовите и на индустриските капацитети.
-Во РКЕ неделно добиваме од 10 до 15 барања од фирми за лиценци за поставување фотоволтаици на нивните покриви. Со измените на Правилникот за обновливи извори на енергија што ги носи Министерството за економија и во домовите ќе може да се постават фотоволтаици и да го продаваат вишокот на електрична енергија на Универзалниот снабдувач, а до сега можеа само да излезат од регулираниот пазар и да одат на либерализиран пазар, појасни Бислимоски.
Максималниот капацитет на нашиот гасовод е 800 милиони нормални кубни метри со тоа што може да се покачи до 1,2 милијарди, а во изминатата грејна сезона дојдовме до максималната потрошувачка од околу 425 милиони нормални кубни метри природен гас заради работењето на ТЕ-ТО 24 часа на ден.
Професорот Константин Димитров од Центарот за енергетска ефиканост на Македонија МАЦЕФ, пак, очекува во наредниот период да расте цената на електричната енергија што ја плаќаат домаќинствата и препорачува Владата пред почетокот на зимата да обезбеди доволна количина на јаглен за да може три месеци непречено да функционираат трите блока на РЕК „Битола“, кои треба да се доведат во добра кондиција. Смета дека е неопходно и навреме да се донесат потребните законски измени за да можат граѓаните непречено да поставуваат фотоволтаици на своите покриви и да можат да го продаваат вишокот на произведена струја. Не очекува зимоска земјава да има проблем со набавка на природен гас од Русија и препорачува навреме да се плати количина на гас потребна за едногодишно работење на индустријата и топланите.
– Од нас зависи како ќе ја поминеме зимата без разлика дали ќе биде ладна или топла. За тоа има два елемента кои Владата мора да ги обезбеди. Тоа значи дека во летниов период мора во РЕК Битола да се натрупа јаглен што ќе биде доволен за три месеци да работат трите блока. Тоа подразбира дека мора да бидат спремни сите три блока во РЕК Битола и зимоска мора да бидат во добра кондиција. На депонијата мора да се обезбеди јаглен и редовно да се копа. Ако треба и нека се купи од странство, но на почетокот на зимата на депониите треба да има јаглен за три месеци и плус да се копа и во текот на зимата. Покрај тоа во регуларна работна состојба треба да се донесе ТЕЦ Неготино и да се набави мазут потребен за работа за определен период иако е тој значително поскап од домашниот јаглен. Јаглен треба да има и на депониите на ТЕЦ Осломеј без разлика дали ќе се купи од Косово или ќе се донесе од Битола за да може да работи во случај на испад на еден од блоковите во РЕК. Неопходно е и минимално користење на водата од акумулациите и да се наполнат вештачките езера пред зимската сезона за да може во зимскиот период да се балансира енергијата. Ако сето тоа го направиме има можност да го смалиме увозот на електрична енергија и да го доведеме до 10 проценти, наместо 30 или 40 проценти како што е вообичаено – истакна Димитров за МИА.
Според проценките, додаде, на берзите електричната енергија до крајот на годинава треба да падне од 250 на 200 евра за мегават час, но, потенцира, секогаш во зима е висока цената на електричната енергија на берзите.
Не очекува зимоска земјава да има проблем со набавка на природен гас од Русија и вели дека единствен проблем може да биде доколку немаме пари.
– Состојбата со електричната енергија повеќе ќе ги погоди граѓаните, додека состојбата со природниот гас повеќе ќе се однесува на стопанството. Домаќинствата единствено можат да бидат погодени од цената на гасот преку топлинските системи во Скопје. ТЕ-ТО Скопје може да работи во зимскиот период со прифатливи цени ако работи во комбиниран процес – ако електричната енергија ја продава по висока цена, а цената за греење да ја покачи за 20 до 30 отсто со што ќе може да исплива топлификацискиот систем – посочи Димитров.
Според него, најлоша е состојбата со топланата Скопје Север која има мал број на корисници и работи директно само на котли кои се преголеми за малата потрошувачка и работат неекономично.
-Затоа зависи од тоа дали ќе помогне државата. За ЕСМ енергетика, пак, со години говориме дека работи лошо и дека користи застарени котли кои ако се изгасат не може веднаш да се запалат. Затоа работат и ноќно време што е недозволиво и непотребно се троши енергија. Сите други топлификации ги гасат котлите во 22 часот и ги палат во 6 часот, а ЕСМ енергетика цела ноќ троши енергија што е недозволиво, вели Димитров.
Неопходно е, додава, Макпетрол и БЕГ да закупат поголеми количини на гас од Русија и предвреме да платат за една година.
Професорот Димитров како економски неисплатлив потез го оценува македонското учество во изградбата на Енерџи терминалот во Александрополи во Грција од каде земјава треба да има можност да набави американски течен гас.
-Вложувањето во Енерџи терминалот во Алексадрополи воопшто не е исплатливо. Плаќаш единствено за да имаш право од таму да купиш гас. Ако неговата изградба чини 400 милиони евра ние учествуваме со 10 отсто, а добиваме само право да купиме скап гас, бидејќи течниот гас е многу поскап од природниот гас што се транспортира низ цевковод. Учеството во изградбата на терминалот е политичка одлука која нема никаква економска логика. Диверзификација на снабдувањето со гас и така постои. Имаме гас од Русија, ако го платиме ќе го добиеме, имаме и можност да купиме гас од Азербејџан кој оди низ цевководот ТАБ што ни е втора сигурност за непречено гасно снабдување. За тоа ќе биде потребно да се изгради интерконекторот со Грција, но може да дојде и преку Бугарија доколку наскоро биде готов нивниот интерконектор со Грција, потенцира професорот Константин Димитров од МАЦЕФ.
Од Министерството за економија (МЕ) велат дека Комисијата за следење на состојбата во снабдувањето со електрична енергија постојано ја следи ситуацијата со снабдувањето.
-Комисијата во моментов врши процена на постоењето на ризиците поради кои беше прогласена кризата со цел да се одлучи дали по 9 јуни ќе има продолжување на кризата. Во овој период состојбата значително е стабилизирана и изгледите укажуваат на тоа дека ќе имаме стабилно лето. Во поглед на електричната енергија, имајќи ги предвид податоците од Комисијата за следење на состојбите на пазарот на електрична енергија заради прогласената кризна состојба известуваме дека од извештаите за цените на берзите во регионот цените по квартали ни кажуваат дека во следната зима ќе влеземе со просечни цени за басе-лоад од 300 евра за мегават час (за основната енергија), како и цени од 350 евра за мегават час за пеак-лоад (во време на пиковите), прецизираат од МЕ.
Велат дека операторите на дистрибутивните системи на топлинска енергија ги вршат проекциите за грејната сезона и оти се во тек пресметките за наредната сезона.
Нагласуваат дека на Министерскиот состанок за енергетика во Софија беше формирана новата регионална платформа на ЕУ за набавка на гас откако Газпром прекина да ја снабдува Бугарија, која ќе ги вклучи и земјите од Западен Балкан.
-Новата регионална платформа во рамки на сеопфатната платформа на ЕУ има за цел да се справи со регионалните потреби за гас и струја, инфраструктурата, цените и намалувањето на зависноста од руските извори на енергија. Софиската платформа ќе ги координира плановите во регионот, меѓународните набавки, залихи, поврзаност и со тоа ќе придонесе за енергетска безбедност во регионот, посочуваат од МЕ.
Велат дека главната цел на овие инвестиции за регионално поврзување на енергетските системи и диверзификација на енергетските извори е поголема конкурентност на нашите економии и пониски цени на енергенси.
-Во моментов во финална фаза е почетокот на изградбата на гасниот интерконектор со Грција, а во преговори сме со Бугарија за изградба на уште еден интерконектор кај Струмица. Во моментов се снабдуваме со гас само од еден гасовод со Бугарија со гас од Газпром. Со новите интерконектори ќе ја намалиме зависноста на гас од Газпром, потенцираат од МЕ.
Како што информираат, во финална фаза е и измената на Правилникот за обновливи извори на енергија.
-Оваа измена ќе ја надмине досегашната бариера и потрошувачите кои се снабдуваат од Универзалниот снабдувач со електрична енергија ќе може да се вклучат во концептот за производители – потрошувачи (просјумери) и произведените вишоци на електрична енергија од фотоволтаични електроцентрали да може да ја предаваат во мрежата, прецизираат од МЕ.
Владата на предлог на Министерството за економија, додаваат, ја донесе Програмата за промоција на обновливите извори на енергија во домаќинствата за 2022 година.
– Средствата на оваа програма во вкупен износ од 30 милиони денари ќе се користат за надоместување на дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски панели за производство на електрична енергија до 4 киловати (со предлог измената на Правилникот за обновливи извори на енергија се предвидува до 6 киловати) за сопствена потрошувачка за домаќинствата, на градба на која има право на сопственост или користење, до 30 отсто, но не повеќе од 62.000 денари по домаќинство за 2022 година – информираат од МЕ.
По завршување на изменувањето и дополнувањето на Правилникот за обновливи извори на енергија и по негово донесување, како што најавуваат, Министерството за економија ќе објави јавен оглас за реализација на Програмата за промоција на обновливите извори на енергија во домаќинствата за 2022 година. Во наредниот период и постојните зелени кредити ќе продолжат да поддржуваат инвестициски проекти.