Фото: ТАВ Македонија

Летниот распоред на летови од двата македонски аеродроми, управувани од ТАВ Македонија, започнува овој викенд, на 29 март, со вкупно 10 нови авиолинии.

Од Меѓународен аеродром Скопје ќе се воведат шест нови дестинации – Неапол, Будимпешта, Палермо, Алгеро, Трабзон и Самсун. Истовремено, од Аеродром Св. Апостол Павле Охрид ќе бидат отворени четири нови линии – Милано, Виена, Вроцлав и Катовице.

Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, изјави дека новите линии претставуваат значаен чекор кон подобрување на поврзаноста и развојот на туризмот, како за патниците од земјава, така и за странските туристи.

Летната сезона започнува на 29 март со воведување на линијата Милано – Охрид на Виз ер. Следниот ден, на 30 март, ќе стартуваат летовите од Скопје до Неапол, како и повторното воспоставување на линијата до Будимпешта.

Во јуни, Анадолија џет ќе ги воведе линиите Скопје – Трабзон и Скопје – Самсун, додека во јули Виз ер ќе почне да лета кон Палермо и Алгеро.

Во рамки на летниот распоред, кој ќе трае до крајот на октомври, 15 авиокомпании ќе опслужуваат 54 редовни и сезонски дестинации од Скопје, како и 24 чартер-дестинации, вкупно 78 дестинации.

Од Охридскиот аеродром, пак, осум авиокомпании ќе летаат до 17 дестинации. Покрај Милано, во јуни ќе се воведат линии од Вроцлав и Катовице, а од 17 мај Аустриан ерлајнс ќе започне со летови до Виена. Дополнително, веќе е воспоставена линијата Охрид – Братислава.

Според податоците на ТАВ Македонија, во првите два месеци од 2026 година двата аеродроми опслужиле 539.474 патници, што претставува раст од 31% во однос на истиот период лани. Во истиот период, бројот на летови пораснал за 14%.