Македонија ја има потпишано Декларацијата за стратегиско партнерство со САД, која има капацитет да изнедри и добар трговски договор
Придобивките и поволностите од слободната трговија многупати се тема на дискусии што резултирале со еден заклучок, раст на економијата со поголем извоз, а оттаму и подобар живот. Но вообичаените економски текови од неодамна, во согласност со предизборните најави на актуелниот претседател Доналд Трамп, се променија поради воведувањето тарифи за голем број држави од страна на САД.
Она што е клучно за нашата земја како мала земја е обезбедување пазари каде што може да ги пласираме нашите продукти. Иако извозот кон САД е мал, споредено со другите земји каде што извезуваме, особено ЕУ, сепак, добрата соработка со САД за нас е многу значајна. Во духот на Декларацијата за стратегиско партнерство, земјата треба да се стреми и кон договор за слободна трговија, која ќе има голем бенефит за нас.
За трговската размена меѓу Македонија и САД, според нашиот Државен завод за статистика
Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), размената на Македонија со САД лани изнесувала 314 милиони долари, наспроти 320,7 милиони долари во 2023 година. Извозот од Македонија во САД лани достигнал 118,2 милиони долари, што е за 2,2 пати (220 насто) повеќе од претходната 2023 година кога бил 53,6 милиони долари. Лани од САД биле увезени производи за 195,9 милиони долари, за 26,6 отсто помалку од 2023 година кога увозот во Македонија од САД бил 267 милиони долари.
Размената со САД, според ДЗС, во првите два месеца од годинава била 65,9 милиони долари и е за 56 отсто поголема од истиот период лани кога изнесувала 42 милиони долари. Притоа, биле извезени производи во износ од 38,8 милиони долари, речиси за четири пати повеќе од истиот период лани кога извозот бил 10,1 милиони долари. Во првите два месеца од годинава вредноста на увозот од САД бележи пад, или 27,1 милиони долари. Лани во истиот период увозот бил 32 милиони долари.
Од САД, според македонската царина, најмногу увезуваме машини, електрични детонатори, барут, производи за индустриско склопување на возила, делови за возила, специјални возила, алуминиум хидроксид и полимери, кои се царинат со царинска стапка нула, додека увозот на оружје е со царинска стапка 7 проценти, а на лешниците 15 проценти.
Македонските економисти деновиве изјавуваат дека македонската економија нема да претрпи голем удар од американските царини, но влијанието ќе дојде преку нашите главни трговски партнери, како што е Германија, штом кај нив ќе се почувствуваат ефектите од овие мерки на администрацијата на Трамп.
Трамп: Условите може да се репреговараат
Но кога станува збор за подобрување на односите со нашиот стратегиски партнер, многу е битно да се разбере зошто САД одлучија да воведат дополнителни тарифи и зошто за едни се 10 проценти, а за други над 30 отсто. Значајно е што претседателот на САД напомена дека „условите може да се репреговараат“, но еден од главните услови што ги поставува е зголемување на увозот на производи од САД во земјите што сакаат да ги променат тарифите.
Домашните експерти веќе укажаа дека стапката од 33 отсто за Македонија, па и за другите земји е добиена врз основа на одредена формула, која во основа треба да го земе предвид билатералниот трговски дефицит на САД со другите земји.
Сепак, економистите се согласни дека не треба да се избрзува со контрамерки, туку да се работи на усогласувања на несовпаѓањата.
– Во нашиов случај не е препорачливо да избрзуваме со контрамерки, туку треба да се обидеме да ги испегламе несовпаѓањата, особено околу податоците. Мислам дека ова нема да има посериозно директно влијание врз нашата економија и животниот стандард на граѓаните, со оглед на релативно малиот обем на трговска размена – велат економистите.
Сепак, сите потенцираат дека главниот удар од тарифите на Трамп ќе дојде преку Европа бидејќи кон неа се воведени поголеми тарифи, а Македонија во голема мера економски најмногу соработува со европските земји.
Дел од нашите соседи, како Косово, Албанија и Црна Гора, имаат трговски дефицит со САД, односно САД имаат суфицит со нив, па во согласност со политиките на Трамп сите земји со суфицит имаат царини од 10 отсто, додека другите имаат повисоки стапки.
Трамп сака Европа да купува енергија од САД
По понудата на Урсула фон дер Лајен за „нула за нула“ царини за автомобили и индустриски стоки, Трамп сепак вели – НЕ! Тој уште еднаш потенцира дека сака ЕУ да увезува поголеми количества енергија од САД.
– Европската Унија ќе мора да се обврзе да купи американска енергија од 350 милијарди долари за да добие одложување од огромните царини – рече американскиот претседател, отфрлајќи ја понудата на Брисел за царини „нула за нула“ за автомобили и индустриски стоки.
Токму тој став е уште еден показател за неговата решеност да опстои на патеката за воведување тарифи за сите земји што имаа поголем извоз во САД отколку што увезуваат од таму.
Затоа е клучно како нашата земја ќе се постави во следните денови и како да издејствува договор за слободна трговија со САД, нашиот стратегиски партнер, кој има голем придонес во опстојувањето на нашата земја и во досегашниот развој.
На темата за одржување блиски релации со САД, радува податокот дека темата за слободна трговија веќе е дискутирана.
Од моментот кога ни беа воведени царините, премиерот Христијан Мицкоски посочи дека на темата слободна трговија веќе е разговарано, но дека прво ќе се бара решение за сегашната ситуација.
– Уште во јануари со тогашниот заменик на помошникот државен секретар, Александар Касаноф, разговаравме за потпишување билатерален договор во рамките на Стратегискиот дијалог меѓу двете земји во делот на економијата и трговијата. Уште тогаш почнавме знаејќи дека ќе следуваат вакви процеси. Мислам дека тоа беше вистинскиот пат што почнавме да го чекориме. Потоа како дел од целиот овој процес од наша страна се предложи да потпишеме договор за слободна трговија со САД и да нема царини. Дадов налог нашите надлежни институции да видат дали можеме да потпишеме ваков договор во согласност со важечките договори и истото тоа му го предложив на државниот секретар за трговија на САД, Хауард Лутник. Разговор на оваа тема со него во Брисел имаше и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, како и со уште еден висок претставник на Белата куќа одговорен за Балканот. Од сите страни е поздравено тоа како одлична идеја – појасни Мицкоски.
Потпишувањето таков договор, според премиерот Мицкоски, би било исклучителен чекор напред со кој би се потврдило и запечатило стратегиското партнерство и би се елиминирале царините и додаде дека институциите веќе почнаа да анализираат дали можеме да го реализираме овој договор во согласност со важечките трговски спогодби. Е.Р.
Зошто е толку битен таканаречениот Договор за слободна трговија
Србија има колосално зголемување на обемот на трговската размена со Кина
Србија и Кина веќе речиси четири години имаат потпишано Договор за слободна трговија. Истиот тој во детали и педантно беше подготвуван од обете инволвирани страни (Кина и Србија) повеќе од една година. Сега, во рамките на тој договор, Белград и Пекинг имаат колосално зголемување на обемот на трговската размена (се спомнува бројката од зголемување за 200 пати), а бизнисот непречено си тече и натаму.
Бизнисмените од соседна Србија веќе споделија дека на бизнис-форум одржан во комората во Србија, на кој учествувале српски и кинески компании, биле договорени голем број значајни активности. Претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж, изјави дека кинеските компании имаат мисија да ја подобрат економската соработка меѓу Србија и Кина, но и да работат на нови проекти, како и да планираат отворање канцеларија на Кинеската стопанска комора за целиот регион во Србија.
– Тие рекоа дека имаат мисија да ја подобрат економската соработка меѓу Србија и Кина и да работат на нови проекти. Нашите компании исто така се поканети да учествуваат на големиот саем во Пекинг во јули, што е исто така значајна вест. Тоа им дава можност да влезат во синџирот на големи компании доставувачи во различни области – вели Чадеж.
Според него, кинеските компании сега ги покануваат српските компании да дојдат во Кина и да разговараат за заеднички инвестиции и за создавање заеднички претпријатија, кои би биле или во Србија или на кинескиот пазар.
– Заинтересирани сме за извоз на прехранбени производи откако ќе се усогласиме со кинеските регулативи. Повеќе од 200 компании веќе извезуваат различни прехранбени производи на кинескиот пазар – вели Чадеж и додава дека веќе се зборува за отворање канцеларија на Кинеската стопанска комора во Србија за целиот регион.
Чадеж истакнува дека има постојан тим што разговара со партнерите во Кина, секаде каде што е потребно, а можно „уште поголемо забрзување“. Чадеж наведува дека се плаши од „царински војни“ и од воведување нови царини од страна на ЕУ, кои ќе ги погодат земјите што се на пат да станат членки, но дека Србија се обидува да објасни во Брисел колку сме врзани за европската индустрија. Ваквите примери треба да бидат поттик за нашите компании и бизнисмени дека соработката мора да се шири на повеќе фронтови и паралелно со веќе договорените пазари да се бараат нови. Е.Р.