Стопанската комора на Македонија попладнево го поздрави усвојувањето на ревидираната ПЕМ конвенција за извоз на пазарите на ЦЕФТА од страна на македонското Собрание.
– Како Стопанска комора ги поздравуваме заложбите на законодавниот дом и на пратениците од позицијата и од опозицијата кои ја препознаа важноста на овој меѓународен документ за компаниите и денеска истиот го изгласаа – се наведува во соопштението од Комората.
Ратификацијата на Конвенцијата, како што посочуваат, е од големо значење за извозно ориентираните компании бидејќи, меѓу другото, со тоа се укинува забраната за поврат на царина за суровини без потекло. На тој начин се олеснува и процедурата за добивање ЕУР 1 сертификат за потекло, се намалуваат трошоците на компаниите и тие стануваат поконкурентни на пазарите каде извезуваат.
Одблокирање на оваа ратификација и на уште два закона од економскиот ресор побара претседателот на Комората Бранко Азески на средбата со претседателот на Собранието Талат Џафери пред десетина дена. Во разговорот, Азески ги предочи сериозните забелешки на компаниите, зашто во услови на тешка енергатска криза, тоа дополнително го усложнува нивното работење.
Земјите потписнички преземаа обврска да го завршат процесот на ратификација на ревидираната ПЕМ конвенција до 30 јуни годинава за договорот да може да се применува од 1 септември годинава.
– Овој процес го немавме завршено само ние. Ратификацијата на ПЕМ конвенцијата, кај нас, од страна на Собранието требаше да се случи на 73-та седница, одржана на 27.6.2022г. Седницата тогаш беше прекинатата без да се усвои точка 3, која се однесуваше токму на ратификацијата – информираат од Стопанската комора.