Над 160 компании алармираат за проблеми во повеќе сектори поради мулти кризата, соопшти денеска Стопанската комора.
Според Комората, најзагрижувачка е состојбата во градежништвото, а проблемот со поскапувањето на градежните материјали мора да биде решен одма и сега. Во спротивно, последиците би биле катастрофални.
-Сите ќе бидеме одговорни ако веднаш не почнеме да го решаваме овој проблем со оглед дека последиците би биле катастрофални и би влијаеле катастрофално на еден од најголемите стопански сектори во државата. Импликации од овој проблем има во сите сфери, а најмногу во доменот на јавните набавки. Кај тековните јавни набавки и проекти кои повеќе години се реализираат, проблем е што компаниите работат во услови на непроменети цени пропишани во договорите, а онаму каде што има пропишано клизна скала истата не функционира, односно не ги одразува зголемувањата на цените во реалноста-истакна претседателот на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Комората, Андреа Серафимовски.
Кај оние капитални проекти кои се пропишани и евалуирани но не се почнати, проблемот е, рече Серафимовски, што цените кои се пропишани и евалуирани повеќе не се исти зашто од ден на ден се зголемуваат.
-Трета и најголема импликација е неизвесноста во која градежништвото се наоѓа при настап на новите јавни набавки и проблемот дека условите по кои се пропишуваат тие се оние услови кои ги имавме една, две, пет и десет години, т.е. во услови кога нормално се живееше и работеше-дополнува Серафимовски.
Стопанската комора уште еднаш го потенцира значењето од укажувањето на компаниите кои предупредуваат дека ситуацијата во која се наоѓа бизнисот е загрижувачка.
-Не можеме да ги чекаме статистичките податоци, па дури потоа да реагираме и интервенираме. Треба да му се верува на бизнис секторот кој јасно и гласно ги добива фактичките податоци во секојдневната комуникација. Алармантни и загрижувачки се информациите од компаниите кои се обидуваме да ги обработиме и да ги проследиме до јавниот сектор за да си помогнеме сите-смета претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.
Според Азески, над 160 компании алармираат за проблеми во повеќе сектори поради мулти кризата.
-Во вакви моменти нашите искуства покажуваат дека информациите до кои доаѓа приватниот сектор треба да бидат приоритетни и најзначајни, бидејќи нивното сигнализирање и мерките кои се преземаат имаат огромно значење во временската димензија во која се поставени. Дека сме во право во однос на оваа работа и мислиме дека тоа е правиот пат е и најновата компаративна анализа што доаѓа од нашиот најголем трговски партнер Сојузна Република Германија која е од петокот, пред два дена, а која кажува дека според анализите на Економскиот институт од Минхен се очекува падот на германското стопанство во наредниот период да биде од 15 отсто поради недостиг на суровини најмногу во автомобилската индустрија, што значи дека почнуваат да се остваруваат нашите прогнози изнесени уште пред еден месец дека ако дојде до ваква ситуација кај нашиот најголем трговски партнер, последици ќе има и врз македонското стопанство-нагласи Азески.
Тој потсетува дека Комората реагира во име на 594.243 лица, вработени во приватниот сектор.
-Само за споредба, во јавниот сектор по сите основи работат само 18 отсто од луѓето. Оттука, јасна е тенденцијата за што зборуваме, во чие име зборуваме и каде треба да се насочат активностите-потенцира Азески.