Фото: Маја Јаневска-Илиева

Банките ги разгледуваат тарифите за можноста за намалување на провизите на одредени услуги, по барањето што го упати минатата недела гувернерот на Народната банка Трајко Славески во Македонската банкарска асоцијација (МБА).

Претседателката на МБА Маја Стевкова Штериева денеска изјави дека тоа е индивидуална одука на органите на управување на банките, а упати и на ветувањето од Народната банка за намалување на надоместоци што банките ги плаќаат за користење на услугите во Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС).

– Да, на состанокот кажавме дека сите опции ќе бидат разгледани. Банките веќе почнаа да си ги разгледуваат тарифите, тоа што го даде гувернерот, но како што нагласив и тогаш тоа е индивидуална одлука на секоја банка односно на органите на управување на банката. Пред се, треба да ги погледнеме тарифите, беше ветено и од Народната банка дека на долговниот промет на страната на трансакциите поврзани со МИПС ќе има ослободување од таа трансакција. Тоа се покомплексни пресметки и за едното и за другото, така што во соодветно време очекувам дека ќе реагираат – рече Стевкова Штериева, на новинарско прашање на настан по повод доделување награди на макеоднските ученици кои освоија второ место на Европскиот квиз на пари.

Гувернерот Славески на средбата со претставниците на МБА минатата недела рече дека очекува во најкус можен рок банките да ја ревидираат висината на надоместоците за извршување на плаќањата за граѓаните и компаниите и да ги постават на разумно ниво. Најави дека на тоа ќе претходи намалување на надоместоците што банките ги плаќаат за користење на услугите во Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС), како што се надоместоците поврзани со долговниот промет.

Славески предупреди дека високите трошоци за извршување на плаќања можат да бидат бариера за користење на официјалните канали, особено кај населението со пониски примања кое во услови на ценовно недостапни услуги ќе мора да се потпира повеќе на готовина.

– Надоместоците за одржување на платежна сметка за компаниите – иако се на слично ниво како кај матичните банки од ЕУ, сепак претставуваат висок трошок, посебно за малите и средните компании во земјата, поради што треба да се намалат. Надоместоците за користење на електронско и мобилно банкарство, во услови кога се наплатуваат надоместоци за одржување на платежна сметка, претставуваат дополнителен трошок кој би требало да се укине имајќи предвид дека оваа услуга е вообичаено бесплатна за граѓаните кај матичните банки од ЕУ, а дел од нив не наплатуваат вакви надоместоци ни од компаниите. Надоместоците за плаќањата со платни налози во рамки на банката треба да се укинат имајќи предвид дека за нивно извршување не е потребно користење на платни системи кои создаваат трошоци за банките, а оваа услуга е вообичаено бесплатна за граѓаните кај матичните банки од ЕУ – рече гувернерот.

Како што дополни, треба значитено да се намалат и надоместоците за меѓубанкарските плаќања во домашната валута кои се извршуваат преку платните системи КИБС и МИПС имајќи предвид дека ваквата услуга кај матичните банки од ЕУ за плаќањата во евра како национална валута во СЕПА е бесплатна или по многу ниски надоместоци за граѓаните, најмногу до 1 евро. Исто така треба да се намалат и поедностават надоместоците за подигнувањето готовина на туѓи банкомати во земјата и странство кои кај некои баки се и во вид на процент од износот следејќи го моделот на поставеност кај матичните банки од ЕУ кои применуваат пониски и фиксни надоместоци по трансакција. Гуверенерот рече дека и надоместоците за прифаќање картички на продажни места кај трговците кои банките ги наплатуваат од трговците треба да се намалат имајќи предвид дека меѓубанкарските провизии се ограничени со Законот за платежни услуги и платни системи и се сведени на нивоата во ЕУ.

Според последните податоци од 2024 година, нето-приходите од надоместоци учествуваат со 18 проценти во вкупните нето-приходи на банките.