Агенцијата за статистики на Косово (АСК) го објави денеска извештајот за трговијата со стоки за изминатиот месец, од кој се забележува голема разлика во вредноста меѓу увозот и извозот, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според извештајот, во текот на месец октомври вредноста на увезената стока во Косово била 580,4 милиони евра, додека извозот од државата достигнал вредност од 87,3 милиони евра.
Споредено со истиот период лани, пораст има и кај увозот и кај извозот.
– Извозот на стоки во октомври 2024 година е вреден 87,3 милиони евра, додека увозот е 580,3 милиони евра, што е зголемување за 8,6 отсто за извозот како и зголемување од 10,1 отсто за увозот во однос на истиот период од 2023 година – се вели во извештајот.
Во него се наведува дека извозот го покрива увозот со 15,0 отсто.
– Податоците од надворешната трговија со стоки на Косово укажуваат на трговски дефицит од 10,4 отсто во октомври 2024 година, во однос на истиот период од 2023 година, односно во износ од 493,0 милиони евра наспроти дефицитот од 446,5 милиони евра во 2023 година. Извозот го покрива увозот со 15,0 отсто – се наведува во извештајот.
Главните производи што Косово ги продава на други земји се основните метали и нивните производи, пластиката, гумата и нивните производи, готовата храна, пијалоците и тутунот и минералните производи. Последните се вклучени во листата на производи што земјата најмногу ги купувала од други земји.
Од земјите на ЦЕФТА, извозни партнери минатиот месец биле Албанија, Македонија, Србија и Црна Гора, додека земји со најголемо учество во увозот се првите три рангирани во извозот.
– Извозот на Косово со земјите од ЦЕФТА достигна 39,9 милиони евра или 45,7 отсто од вкупниот извоз, со пораст од 27,9 отсто. Главни извозни партнери од земјите на ЦЕФТА беа: Албанија (20,8 отсто), Северна Македонија (12,3 отсто), Србија (6,8 отсто), Црна Гора (4,5 отсто). Увозот од земјите на ЦЕФТА е вреден 74,5 милиони евра или 12,8 отсто од вкупниот увоз, со пад од 8,2 отсто. Земјите со најголемо учество во увозот се: Албанија (5,1 отсто), Северна Македонија (3,8 отсто), Србија (2,3 отсто) – објави АСК.
Главни партнери на Косово за извоз на стоки во Европската унија се Германија, Италија и Холандија, додека за увоз се Германија, Грција и Италија.
– Извозот на Косово во земјите од ЕУ достигна 28,2 милиони евра или околу 32,3 отсто од вкупниот извоз, со пораст од 4,5 отсто. Главни партнери за извоз на стоки во ЕУ беа: Германија (10,5 отсто), Италија (3,2), Холандија (2,7 отсто) итн. Увозот на Косово од земјите на ЕУ изнесува околу 255,5 милиони евра или 44,0 отсто од вкупниот увоз, со пораст од (9,3 отсто). Увоз со најголемо учество има од: Германија (14,6 отсто), Грција (5,1 отсто), Италија (4,6 отсто) итн – се вели во извештајот.
Извозот на Косово во други земји достигна вредност од 19,2 милиони евра или (22,0 отсто). Како најзначајни партнери од овие земји за извоз се посочуваат Швајцарија, со 10,6 отсто и САД, со 3,2 отсто. Увозот на Косово, пак, со другите земји достигна 250,4 милиони евра, или 43,1 отсто. Земји со најголемо учество во увозот во оваа група се Турција (14,7 отсто) и Кина (12,0 отсто), се наведува во извештајот на АСК.