Работниците во земјава сметаат дека минималната плата треба да се зголеми од 600 до 700 евра, покажува анкетата што ја спроведе Сојузот на синдикати на Македонија на 11 и 12 овој месец на репрезентативен примерок од 1.613 испитаници.
На прашањето „Колку треба да изнесува минималната плата“, од вкупниот број испитаници 45,2 проценти одговориле дека минималната плата треба да се зголеми на 600 евра, 42 проценти сметаат дека минималната плата треба да изнесува 700 евра, а 12,8 проценти дека таа треба да изнесува 500 евра.
Најголем дел односно 99,5 проценти од испитаниците сметаат дека зголемувањето треба да се случи до крајот на годинава. Доколку не се зголеми минималната плата, 52,8 проценти се подготвени да протестираат, а 47,2 проценти да штрајкуваат.
– Заклучокот од Анкета за потребите на работниците во однос на растот на минималната плата во Република Македонија е дека барањето за зголемување на минималната плата не е желба на поединци, туку потреба на работниците во Македонија – велат од ССМ.
































