Сојузот на синдикати денеска ја реализираше последната од најавените три блокади на таргетирани институции. Пред Владата денеска побараа да предложи измени на Законот за минимална плата со кои ќе се зголеми минималната плата на 600 евра и сите останати плати за 100 евра.
Од ССМ оставаат простор за договор до крајот на февруари, а доколку не дојде до договор, во првата половина од март, најавуваат генерален штрајк и работнички протест. Дотогаш не се исклучува можноста и за таргетирани блокади и во други градови во државава.
– Ако до крајот на февруари не се договорат и не разговараат за зголемување на минималната и на сите останати плати, следува генерален штрајк, со генерален работнички протест во неработно време, на кој ќе бидат повикани сите работници. Ќе обезбедиме превоз, за да нема изговор. Тоа ќе биде во првата половина на март, затоа што март е месецот кога треба да се утврди висината на минималната плата – изјави претседателот на ССМ Слободан Трендафилов, кој пред Владата ги изнесе најновите заклучоци донесени на Претседателството на ССМ како еден од највисоките органи на синдикатот.
Трендафилов рече дека „паѓаат во вода аргументите на работодавачите за поголема продуктивност на работниците затоа што податоците од МОТ покажуваат дека работник со 24.792 денари минимална плата заработува месечно 290.000 денари за газдата, односно само 17 проценти од тој колач се дава на работниците како плата“.
– Упатуваме порака до Владата – на денешната седница многу сериозно да разговараат за барањето на работниците за зголемување на минималната плата, како и за зголемување на останатите плати. Бараме многу сериозно да размислуваат и да разговараат, или да ги ослободат работодавачите или да подадат рака и на бизнисот како што ќе подадат рака на работниците за зголемување на платите и за ослободување на придонесите за задолжително социјално осигурување. Ги потсетуваме дека пред една година, кога бевме на преговори, тие тоа еднострано го одбија, иако ССМ и работодавачите беа договорени за најмалку 6.000 денари да се зголемат платите на сите работници во државата – рече Трендафилов.
За изјавата на претседателот на Стопанската комора Бранко Азески дадена вчера во Штип, лидерот на ССМ вели дека работодавачите имаат можност до крајот на февруари да кажат за колку се подготвени да ги зголемат работничките плати.
– До крајот на февруари можат да седнат, да се договорат, можат да кажат за колку се подготвени да ги зголемат работничките плати затоа што главниот изговор – продуктивноста која ја вртеа 35-36 години во Македонија, ги чинеше иселување на најквалификуваните работници од земјава, и не само квалификуваните работници, туку и нивните семејства – рече Трендафилов.
Доколку не се исполнат барањата на ССМ, во март ќе се изврши усогласување на минималната плата, кое според пресметките, ќе изнесува од 1.500 до 1.700 денари што работниците ќе го земат во априлската плата.
ССМ останува на барањата за зголемување на платите со образложение дека растат животните трошоци и вредноста на синдикалната потрошувачка кошничка која во јануари во споредба со декември е зголемена за речиси илјада денари.
































