Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), во соопштение до медиумите во пресрет на денешната седница на Уставниот суд, на која како што е најавено ќе се одлучува за „60 работни часови од Законот за номинирање стратешки партнер“, потсетува дека мора да се зачуваат работниците и работничките права пропишани и загарантирани во Законот за работни односи и Колективните договори утврдени преку социјален дијалог помеѓу Владата, работодавачите и синдикатите.
Уставните судии, како што е најавено на денешната седница ќе треба да одлучува, по поведената постапка за оценување на уставноста на член 12 од Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Македонија, во која се оспорува одредба од членот 12 во кој меѓу другото е опфатено дека „работното време на секој работник во текот на целиот циклус на Проектот може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината”.
Подносители на иницијативата се ССМ претставуван од претседателот Дарко Димовски и СГИП претставуван од претседателот Иван Пешевски кои уште на 28 декември 2021 година, односно веднаш по договорот, ја поднесоа до Уставниот суд оваа иницијатива.
ССМ во соопштението посочува дека овие одредби не само што се спротивни на Законот за работни односи, туку се спротивни и на сите Меѓународно ратификувани конвенции поврзани со работа и безбедност и здравје при работа како:
– член 8,9,32,34,35 став 1 од Уставот на Република Македонија;
– член 4, 116 117 од Закон за работните односи;
– член 36 став 2 од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството Сл.весник бр.115 од 1.8.2014 година;
– член 2 од Законот за ратификација на Конвенцијата за трудови клаузули објавена во Сл.весник бр.77 од 08.07.2010та година.
Од ССМ, исто така, реагираат дека тоа ќе претставува преседан, имајќи во предвид дека 8-часовното работно време е едно од најстарите придобивки на работничкото и синдикално движење обезбедено уште со штрајкот од 1886 година во Чикаго, каде до ден денес цел свет посветува 8 часа на работа, 8 часа за одмор и 8 часа за едукација и рекреација.
– Укажуваме и на фактот што Законот за работни односи согласно член 4 се применува за сите работодавачи кои имаат седиште или престујувалиште во државата и кај нив вработените кога работата ја вршат во државата се воспоставуваат односи врз основа на Договор за вработување заради вршење на работа на територија на државата. Тоа значи дека преку ЗРО не смее да се суспендира одредбата за 40 часа работа неделно со донесување на друг закон во случајот Закон за утврдување на јавен интерес и ноиминирање на стратешки партнер кој покрај оваа одредба беше склучен и во четири очи помеѓу Владата и Изведувачот Бехтел и Енка и истиот оспоруван пред Уставен суд од страна на Државната комисија за спречување корупција, се вели во соопштението од ССМ.
Недопусливо е и неприфатливо, посочуваат од ССМ, да се дозволи работно време како едно основно право од работен однос да се уредува на различен начин со различни закони со што се нарушува принципот на нееднаквост на граѓаните утврдено со Уставот.
– За крај потсетуваме дека градежништвото е еден од носечките столбови на економијата и вработува повеќе од седум проценти од вкупниот број на вработени. Работниците во овој сектор се и онака изложени на тешки и сложени услови за работа каде секојдневно им се загрозени здравјето и безбедноста при работа и сектор во кој се случуваат секојдневно повреди и жртви од изнемоштеност и зголемена опасност. Сојуз на синдикатите на Македонија и Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање нема да дозволат работниците во државата без разлика во која дејност и на кое работно место се, да станат робови по сите претходно обезбедени права од работен однос – стои во соопштението од ССМ.
За таа цел, ССМ апелира и укажува Уставните судии да го отфрлат фамозниот член 12 од овој Закон кој ќе направи штета на сите граѓани доколку се усвои како Уставен.
Од ССМ, исто така, потсетуваат дека дописи се доставени и до Претседателот на Собранието, Координаторите на пратеничките групи, Министерството за труд и социјална политика, Владата, канцеларијата на Меѓународната организација на трудот да не се гласа ваков Закон во Собранието, но тоа, како што велат, не беше сторено и денес се соочуваме со грешка која мора да ја поправи Уставниот суд.