Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, денеска во Белград оствари средба со потпретседателот на српската Влада и министер за земјоделство, Бранислав Недимовиќ. Како што информираат од ресорното министерство, на состанокот било договорено во следните седум до десет дена Србија да ја тргне забраната за извоз на пченица, пченка, брашно и масло за јадење за Македонија.
– Во рамки на инструментите што ги овозможува иницијативата „Отворен Балкан“, со потпретседателот на Владата на Република Србија, Недимовиќ, договоривме во следните 7 до 10 дена Србија за Северна Македонија да ја тргне забраната за извоз на пченица, пченка, брашно, масло за јадење и да почне испораката за количините коишто се договорени помеѓу економските партнери од двете земји. Сите договори на нашите економски партнери од сите стопански комори ќе бидат реализирани. За договорените количини ќе биде испратено и писмо од претседателот на Владата на РСМ до премиерката на Србија – изјавил Николовски.
Министерот воедно порачал граѓаните да бидат смирени, бидејќи, како што рекол, Северна Македонија ќе има доволно количини од овие стратешки култури.