Сопствен кадар и верба во себе

Млади ликови полни со желба за докажување: Тоа е примерот што треба да се следи!

Светската олимпијада започна! Претседателот на САД, Трамп, е на стартот на 110 метри со пречки. Европа се наоѓа уште на Зимската олимпијада во Сараево од 1984 година, а Балканот едвај ја чека Параолимпијадата ако може да постигне некој резултат што ќе биде претставен како „светско чудо“.
А кај нас, бизнисменот Живко Мукаетов, кој е на крајот на својот мандат во Ракометната федерација на Македонија, покажа како треба да се верува во себе и како треба да се мотивираат другите. Едноставно, со градење сопствени млади спортисти. Никогаш досега не сум гледал помотивирачки натпревари каде што преовладуваат млади ликови полни со желба за докажување. Тоа е примерот што треба да се следи.
Полека завршува најдолгиот месец во годината, последната недела од него ќе остане забележана како недела на промени во стратегиските цели на Комората, како и недела што ќе отвори нови перспективи во Република С. Македонија.
Прецизно, јасно и кратко!
В четврток доаѓаат сите претседатели на коморите од регионот да расправаат за инфраструктурата во функција на развој на бизнисот. Наредниот ден Комората ќе обелодени неколку институции што ќе бидат основа за унапредување на извозот.
Тоа значи дека преминуваме од зборови на конкретни дела. Националниот совет за извоз, Институтот за извоз и Клубот на извозниците ќе бидат централните алатки за поддршка на компаниите.
Во оваа пригода сакам да им се заблагодарам на сите што учествуваа во овие операции, а пред сè на професорот Дарко Лазаров, кој упорно ме убедуваше да ги забрзаме овие процеси. Денес Клубот на извозниците има веќе 200 члена, Институтот започнува со работа, а Советот во 2024 година одржа три седници.
Нема да бидат помалку интересни и наредните неколку дена. Конечно, очекуваме почеток на операцијата за користење на средствата од унгарскиот кредит и засилена законодавна иницијатива.
Исто така, во фокусот ќе биде и прашањето за борбата со корупцијата и сивата економија, како круцијални прашања во приоритетите на Комората. Минатата недела имавме и гости од Америка, кои нè информираа за почетокот на иницијативата „Трите мориња“, со која конечно економијата е пред политиката, што е наша заедничка цел. Се создава зона на бизнисот што треба да ги издигне нивото на животен стандард и профитабилноста на компаниите од Балтичко, до Црно и Јадранско Море.
Но, пред нас се исправаат и други предизвици. Тоа се: продолжување на научната конференција за нови технологии, чија прва сесија беше во 2018 година, имплементацијата на анализата што се однесува на додадената вредност, зголемување на продуктивноста и иновативноста на македонските компании, формирање совет за соработка со дијаспората, улогата на компаниите во заштитата и промоцијата на природното, културното и историското наследство на Македонија. Да сумирам, мора да продолжиме со уште пожестоко темпо во имплементацијата на нашите активности.

П.С. Поткастот на СКСМ и „Трето уво“ продолжува со својата мисија, а таа е да афирмира млади бизнис-лидери што ќе ги понесат товарот и ризикот на македонската економија во наредните години. Ви препорачувам внимателно да ги погледнете гостувањата на Глигор Цветанов од „Макпрогрес“-Виница и на Виктор Мизо од „Костал“-Охрид, двајца докажани бизнис-лидери од внатрешноста.

Пишува Бранко Азески, претседател на СКСМ