Фото: МЗШВ

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, денеска присуствуваше на свечениот настан за пуштање во употреба на Интегрираниот информациски систем за шуми (IFIS), кој означува историска пресвртница во дигитализацијата на македонскиот шумарски сектор, истакнувајќи дека ИФИС системот претставува крај на застарените процеси базирани на хартија, соопштија денеска од Министерството.

-Ова означува значаен пресврт од застарени процеси базирани на хартија кон целосно дигитален пристап базиран на податоци. Со ИФИС, градиме поодговорен систем за шумарство – стои во изјавата на министерот Трипуновски.

Се додава дека ИФИС системот, кој е дел од проектот финансиран од Европската Унија, служи за следење на тековите на дрва, следење на шумските пожари, мапирање на биодиверзитетот и поддршка на ефикасно планирање на шумите.

-Овој проект е доказ за нашата заедничка посветеност на Владата и Европската Унија да изградиме шумарски сектор кој е модерен, транспарентен, усогласен со стандардите на ЕУ и одржлив за идните генерации, нагласи министерот. Како министер, ве уверувам дека Министерството ќе продолжи да го движи овој процес напред – во партнерство со експерти, институции за да се обезбеди долгорочна одржливост, конкурентност и кредибилитет на шумарскиот сектор. Процесот на реформи продолжува – стои во изјавата на министерот.

На крајот се посочува дека Трипуновски изразил благодарност до Делегацијата на ЕУ, тимовите во Министерството, секторот Шумарство и ловство, ЈП „Национални шуми“ и сите вклучени институции за нивната улога во овој реформски процес.