Фото: Маја Јаневска-Илиева

Нови законски измени за доуредување на начините на откуп и складирање на стоковните резерви

Нови законски измени ќе водат кон доуредување на начините на откуп и складирање на стоковните резерви во земјава. По одлуката меѓу стоковните резерви да се вклучи и оризот, која беше донесена претходно, сега по иницијатива на неколку собраниски пратеници ќе се менува Законот за стоковни резерви, со цел да се доуредат планирањето, формирањето, финансирањето, чувањето, обновувањето и користењето на стоковните резерви.

Со овој чекор, според предлагачите на измените, ќе се овозможи да се надминат проблемите што се појавуваат на терен при откуп на производи што се од исклучително значење за животот на населението во Македонија. Наедно се очекува и да се спречат и отстранат поголеми нарушувања во стопанството, што треба да придонесе за поттикнување на земјоделското производство.

Во согласност со досегашните законски одредби, познато е дека стоковните резерви се формираат од производи што се од исклучително значење за животот на населението во Република Македонија. Во нашата земја меѓу стоковните резерви се пченица, пченка, јачмен, оризова арпа, прехранбена сол, сурово сончогледово масло, нафтени деривати, лекови и медицински средства. Стоковните резерви се користат во случај на воена состојба, вонредна состојба, елементарни непогоди, еколошки катастрофи, како и при поголемо нарушување на пазарот.

Со сегашните измени се планира стоковните резерви да се формираат со набавкa, на начин и постапка утврдени со закон и други прописи што ги регулираат јавните набавки.
– Во согласност со постојното законско решение, Владата нема законско овластување да донесе посебна одлука за откуп на производи што се од исклучително значење за животот на населението, директно од производителите на земјоделски производи. Со предложеното законско решение ќе се овозможи Владата да има право да ги утврди количествата на земјоделскиот производ што сака да ги откупи за потребите на стоковните резерви, откупната цена, како и други услови што се релевантни во конкретниот случај – се напоменува во законот.

Притоа се потенцира дека со измените Владата ќе има право откупот да го врши директно од производителите, чија цел е да се надминат проблемите со откуп на производи што се од исклучително значење за животот на населението во Македонија и да се спречат поголеми нарушувања во стопанството односно пазарот, а со тоа и да се поттикне земјоделското производство.
– Основна цел на предлогот на законот е да се овозможи Владата да има законско овластување да донесе посебна одлука за секој одделен откуп во која ќе ги утврди количествата на земјоделскиот производ што сака да ги откупи и откупната цена, како и други услови што се релевантни во конкретниот случај, како и да има право откупот да го врши директно од производителите – се појаснува во законот.

Притоа во одредбите е прецизирано дека набавката на производи за стоковните резерви се врши во согласност со прописите со кои се уредуваат јавните набавки и класифицирани информации, освен во случаите кога се врши откуп на земјоделски производи од производителите на земјоделски производи или кога примената на постапка за јавна набавка би довела до откривање класифицирани податоци, за што Владата носи посебна одлука.

Ваквите промени делумно веќе беа најавени од министерот за земјоделство, кој претходно посочуваше дека државата ќе ги направи потребните измени за да се овозможат заштита на земјоделците и подобрување на условите за работа во секторот.

Инволвираните во секторот пак посочуваат дека е битно тоа што има иницијатива и што се преземаат мерки за поголема заштита на земјоделците, но додаваат дека е многу важно како ќе се реализираат најавите. на терен
– Земјоделците се соочуваат со многу проблеми и многу е важно заедно со државата да се наоѓаат мерки што ќе водат кон поголемо производство. Факт е дека благодарение на земјоделството имаме храна во домовите и домашното производство се покажа како едно од најзначајните во кризни ситуации, како што се изминативе години. На глобално ниво состојбите не се сјајни и постојано се појавуваат нови проблеми, воени конфликти, кои ја влошуваат состојбата насекаде. Имаме прекини во синџирите на снабдување, по избувнувањето на војната во Украина имаше силен удар врз препаратите што се користат во секторот, а дополнително земјоделците се соочуваат со голем удар и поради климатските промени, кои носат потопли и посушни периоди, но и невремиња со град и големи количества вода во краток период – вели истакнат професор од областа за „Нова Македонија“.

Нашиот соговорник вели дека заштита на самите производители преку директен откуп на клучните продукти за стоковни резерви ќе биде добра мерка ако притоа се вреднува трудот на земјоделците во целост.
– Секоја мерка што е во насока на поддршка на земјоделците е добредојдена, но битно е истата таа соодветно да се применува. Досега многу често земјоделците беа измамени од откупувачите, им ја бараа стоката за ниски цени, цени под производствените трошоци, што создава голем револт. Покрај зголемените трошоци за производство, земјоделците се борат и со неорганизираниот откуп, а тука се и климатските промени, кои прават големи проблеми. Енормни се производствените трошоци, со покачувањето на нафтените деривати се покачија и ѓубривата, заштитните средства и работната рака. Сето тоа е голем товар за домашните земјоделци, со реален откуп би можело да се поттикне поголемо производство, кое секако ни е потребно, бидејќи има голем број култури што ги увезуваме, а можеме сами да ги произведеме – потенцира нашиот соговорник. Е.Р.