„ВИДНЕТ солушнс“ е еден од главните партнери во подготовката и спроведувањето на настанот „Лонгест пич маратон“ заедно со „Нетворкер“ како компанија носител и „Мондеј“, која е исто така компанија партнер. На самиот настан, двајца од основачите на „ВИДНЕТ солушнс“ беа судии, и тоa: Мирослав Драганов како постојан судија и Дарко Мицкоски како ротирачки судија.
Според нив, мотивацијата за активно вклучување во овој настан е да се пронајдат и поддржат најиновативните домашни стартап-идеи и што поскоро да им се помогне во нивното светско пробивање и забрзан раст, кои носат големи придобивки за сите.
– Кога од една страна развиените економии гледаат излез од економската криза преку што поголемо вложување во стартап-идеи, а од друга страна нашата држава и целиот поставен систем се доста бавни во тој поглед, ние решивме да бидеме носители на големите промени без оглед на целиот ризик што го сносиме. Мотивацијата дека и ние имаме интелект, знаење и вештини, па дури и да бидеме подобри од Ричард Брансон и од германска компанија, ни даде силен ветер во грб и на тој начин го срушивме гинисовиот рекорд. Ние цврсто веруваме дека со извонредните стартап-идеи допрва ќе рушиме уште многу рекорди, бариери и предрасуди. И кога некои ќе се прашаат како тоа сме вложиле само во идеи, би ги прашале: А во што треба да вложуваме како општество ако не во самите идеи и нивниот потенцијал за брз раст и светски успех? Да, токму тоа е најважниот критериум за едно вложување – велат од „ВИДНЕТ солушнс“.
И секако, покрај самата идеја како критериум, додаваат оттаму, тие ги зеле предвид и комплементарните критериуми, како што се: составот на тимот и неговите карактеристики од секоја можна перспектива, како и дополнителните ресурси што се потребни за таа идеја да добие светска препознаеност.
– Следен чекор е максимално посветување од самите тимови на доразвивање на идеите и заедно со сите инвеститори да се овозможи што побрзо глобално скалирање и имплементација на идеите во различни пазари. Сигурни сме дека со заеднички сили ќе може да успееме – посочуваат од „ВИДНЕТ солушнс“.
„ВИДНЕТ солушнс“ е софтверска компанија основана пред три години во Скопје. Таа е формирана од тројца „искусни“ ентузијасти што решија да се фокусираат на проблемите што најмногу гo мачат секторот за менаџмент со човечки ресурси. Примарна дејност на оваа 100-отстотна македонска компанија е компјутерско програмирање на веб-продукти и нејзиното прво уникатно софтверско решение е портал за ефикасно менаџирање со човечките ресурси. Компанијата исто така работи и на напредни софтверски решенија за здравствениот сектор на глобално ниво, како и целосно иновативни решенија засновани на вештачка интелигенција.
Од неодамна, „ВИДНЕТ солушнс“ започна да соработува со првиот клиент во ЕУ така што отвори канцеларии и во Полска, поточно во Технолошкиот парк во Киелце. Исто така, тие има свои вработени во Западна Европа и соработници на четири континенти, со кои заеднички работат на сѐ поголема светска препознаеност на оваа македонска приказна. К.М.