Најголемиот предизвик за финансирањето на јавниот долг за следната година е сервисирањето или враќањето на обврзницата од 700 милиони евра. Тоа е она коешто најмногу му тежи на буџетот, порача денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска. Нагласи дека ќе се прави комбинација помеѓу странското и домашното задолжување, за, како што рече, да не ги оптоваруваме банките во земјава и да можат повеќе да го финансираат приватниот сектор.
-Дополнително на тоа има речиси 200 милиони евра дополнителни обврски кон странство, односно долгови од претходно што треба да ги вратиме. Од таа причина, финансирањето е предвидено да оди со евро обврзница од 950 милиони евра. Можеби тој износ ќе се зголеми затоа што се предвидени уште 350 милиони евра дополнително странско задолжување и уште 400 милиони евра на домашниот пазар, рече министерката во одговор на новинарско прашање на прес-конференцијата во Владата на која го презентираше Предлог буџетот за 2026 година.
Порача дека зголемувањето на јавниот долг ќе биде во суштина износот на дефицитот, 39 милијарди денари и ништо повеќе од тоа.
-Се друго е за сервисирање на стари обврски коишто претходно биле создавани – рече Димитриеска Кочоска.
Прашана колкава ќе биде проекцијата на јавниот долг, рече дека точниот податок ќе го има до крајот на денов.
-Во однос на јавниoт долг, јас сега не би сакала да кажувам податоци иако ние ги имаме, меѓутоа би сочекала до крајот на денот. Знаете дека имаше корекции коишто се правеа и во ДЗС. Очекуваме да видиме дали ќе има одредени промени на 2024, 2025 нема апсолутно никакви промени. Ќе видиме како ќе се одвиваат нашите проекции имајќи предвид дека сега во моментот има 58,5 проценти јавен долг. Најверојатно и до крајот на годината нема да реализираме над 60, а годинава беше предвиден над 62 проценти. Така што, да оставиме до крајот на денот да видиме какви ќе бидат информациите, и во однос на другите институции, бидејќи јавниот долг вклучува и долгови или задолжувања на институциите коишто не се или јавни претпријатија акционерски друштва, кои не се дел од Буџетот. Така што, до крајот на денот ќе го имаме точниот податок и ќе можам да излезам со точен податок колку би бил јавниот долг – рече Димитриеска Кочоска.


































