Високите цени влијаат врз набавката на огревно дрво
Според одредени податоци, околу 70 отсто од македонските граѓани користат огревно дрво за затоплување на нивните домови во зимскиот период, но оваа бројка постепено се намалува, особено во поголемите градови како што се Скопје или Битола, каде што граѓаните имаат алтернатива за затоплување
Македонските граѓани и годинава се соочуваат со високи цени на огревното дрво, што негативно се одразува на нивниот семеен буџет, а со тоа и врз интересот за набавка додека складиштата се преполни со огревно дрво.
Но огревното дрво и понатаму е најупотребуваниот енергент во Македонија. Според одредени податоци, околу 70 отсто од македонските граѓани користат огревно дрво за затоплување на нивните домови во зимскиот период, но оваа бројка постепено се намалува, особено во поголемите градови како што се Скопје или Битола, каде што граѓаните имаат алтернатива за затоплување.
Стравот од високи цени ја забрза набавката
Имајќи го предвид искуството од минатите години, некои граѓани уште на почетокот од годинава нарачале огревно дрво бидејќи се плашеле од високите цени. Гордана Миладинова од Ѓорче Петров вели дека во просек секоја зима нејзиното семејство троши околу осум кубни метри дрво. Таа нагласува дека минатата година за огревното дрво издвоиле 38.400 денари од семејниот буџет, а годинава трошокот изнесувал 36.000 денари, односно 2.400 денари помалку во споредба со претходната година. Меѓутоа во изминативе години имаше драстично поскапување на огревното дрво, односно пред пандемијата на ковид-19 и воениот конфликт во Украина, еден кубик дабово дрво се продаваше по цена од 2.450 денари, додека еден кубен метар бука се продаваше по 2.370 денари, а денес цените изнесуваат од 3.600 до 4.500 денари за еден кубен метар. Треба да се наведе дека годинава е забележано поевтинување од 200 денари во однос на лани.
Продавачите ги правдаа цените со поскапувањата на нафтата на светскиот пазар
Минатата година продавачите на огревното дрво ги правдаа цените со покачувањето на цената на нафтата на светскиот пазар, но доколку се земе предвид дека денес цената на нафтата се стабилизира, поевтинувањето на огревното дрво за околу 200 денари е незначително. Виктор Младеновиќ од скопската населба Даме Груев вели дека постои нелогичност околу цената на огревното дрво, критикувајќи ги продавачите.
– Доколку се земе предвид дека складиштата се преполни со огревно дрво, а побарувачката е намалена, сосема природно е да се намали цената на огревното дрво. Разликата од околу 200 денари од минатата година е незначителна, цените се вештачки и набилдани, продавачите не се водат од економската логика – рече Младеновиќ.
Малку е поинаква состојбата со цената на пелетите. Пред почетокот на ковид-пандемијата, многу граѓани се откажуваа од топлењето на своите домови со дрво и се префрлаа на пелети. Пред ковид-пандемијата една вреќа од 15 килограми пелети се продаваше за околу 200 денари, а потоа цената се искачи на 300 денари. Марјан Огненовски од Горно Лисиче вели дека месечно троши околу 30 вреќи пелети и во просек неговиот трошок изнесувал околу 6.000 денари, додека минатата година изнесувал 9.000 денари. Оваа година, пак, доколку се земе предвид дека цената на пелетите се стабилизира на околу 220 денари, Огненовски вели дека издвоил 6.600 денари.
Потребни мерки за граѓаните со ниски примања
Ако се земе предвид дека годинава огревното дрво е незначително поевтино, за околу 200 денари од кубен метар, цените повторно најмногу ќе ги засегнат сиромашните граѓани. За оваа проблематика, Илија Ацевски, социолог и универзитетски професор, досега неколкупати нагласуваше дека од високите цени на огревното дрво најмногу ќе бидат погодени оние што живеат во екстремна сиромаштија.
Според одредени податоци, околу 150 илјади луѓе од вкупниот број жители на Македонија живеат во екстремна сиромаштија и според експертите токму тие најмногу се погодени од високите цени на огревното дрво. Според нашите соговорници, четиричлено семејство што користи 100 отсто социјална парична помош има месечни трошоци од околу 35.000 денари, а месечни примања од 5.000-6.000 денари.
Македонското општество дефинитивно мора да преземе одредени активности во полза на граѓаните што имаат ниски пензии и плати, бидејќи тие најмногу го чувствуваат ударот на поскапувањата, велат нашите соговорници. Д.Ст.