Стопанството бара засилени контроли и инспекции за сузбивање на нелојалната конкуренција, која го урива пазарот оти не плаќа давачки. Според претставниците на коморите, во фокусот на активностите на државата треба да биде справувањето со сивата економија преку доследно почитување на даночната дисциплина. Неодамна Министерството за финансии заедно со УНДП почна кампања за издигање на свеста и сузбивање на сивата економија
Неиздавање фискални сметки, непријавени работници, плата во плик се дел од начините на кои се избегнува плаќање на даноците и обврските кон државата. Неформалната економија е честа појава во нашето општество, но конкретни поенергични мерки за нејзино сузбивање како да не се преземаат доволно. Иако се прават планови и мерки за намалување на нелојалната конкуренција, сепак, на терен и понатаму се забележуваат аномалии и методи како да се избегне оданочувањето.
Неодамна читател на „Нова Македонија“ алармира за пекарски дуќан во скопската населба Лисиче, каде што не се издаваат фискални сметки. Слични примери има и во редица други сектори и дејности.
– Локална пекарница на главната улица во Лисиче не издава фискални сметки, а тоа особено го практикува по избувнувањето на пандемијата, со оправдување дека не можат сѐ да допираат за да се заштитиме сите од пренос на пандемијата – вели нашиот соговорник, кој сакаше да остане анонимен.
Но неиздавањето фискални сметки не е единствен начин за избегнување даноци. Голем дел работници работат непријавени, или работат на две работни места, а пријавени се само на едно, а истражувањата покажуваат дека сѐ уште се применува и „плата во плик“, при што за тој дел од приходите на работниците не се плаќаат даноци. Сивата економија е застапена речиси во секоја дејност и се смета дека на неа отпаѓа дури 37 отсто од севкупната економија, покажале анализите на ММФ.
Стопанството бара засилени контроли и инспекции за сузбивање на нелојалната конкуренција, која го урива пазарот, бидејќи не плаќа никакви давачки. Според претставниците на коморите, во фокусот на активностите на државата треба да биде справувањето со сивата економија преку доследно почитување на даночната дисциплина, а преку контролни механизми да се воспостави еднаков третман на сите даночни обврзници, со тоа што ќе се работи и директно на формализирање на неформалната економија и во делот на даночните обврски на вршителите на определени дејности што досега не биле регистрирани.
– Околу 30 отсто од компаниите го истакнуваат неформалниот сектор како примарна пречка за раст. Сузбивањето на сивата економија дефинитивно ќе даде резултати во растот на севкупната економија, a суштинските реформи треба да бидат во насока да се справиме со сивата економија, која е нелојална конкуренција на регистрираните субјекти, со што прво би постигнале праведно оданочување од аспект на тоа секој што врши дејност да има еднаква обврска да плаќа данок, а не само оние што работат регистрирано – нагласуваат од Стопанската комора на Северна Македонија.
Професорот по економија Ванчо Узунов вели дека во светот има повеќе методи што се применуваат за намалување на сивата економија.
– Еден ефикасен начини за сузбивање на сивата економија е преку забрана за плаќање во готовина. Ако се плаќа електронски, ќе има записи што покажуваат каде патувале парите. Основно правило за сузбивање на сивата економија или, пак, на даночната евазија е следи ги парите. Но бидејќи плаќањето во готовина не може да се следи, најдобро решение е поголем дел од плаќањата да се одвива електронски. Генерално сметам дека треба да се промени менталитетот, сфаќањата кај народот дека не се исплати да се избегнува плаќањето даноци. За жал, низ нашиот народ сѐ повеќе верува и смета дека е подобро да се избегнат законите отколку да се почитуваат, а ова мислење се шири меѓу младите, за разлика од повозрасните граѓани, кои во ниеден случај не размислуваат за прекршување на законите – вели Узунов.
Социологот Илија Ацевски објаснува дека на сивата економија се гледа како на појава со која се ублажуваат ударите на сиромаштијата, бидејќи со неплаќање даноци граѓаните заштедуваат дел од сумата, со што си обезбедуваат за опстанок.
– На еден начин, сивата економија како да е дозволена од државата, институциите не ги санкционираат сите, навидум државата не прави притисоци, за да не создава тензии, како да дозволува луѓето да работат без да плаќаат даноци. Но сето тоа резултира со драстично ширење на сивата економија, луѓето сметаат дека ако на еден му поминало, може и тој да заработува без да пријави и плати даноци. Сето ова резултира со штета врз државата, срозување на услугите што таа ги обезбедува за граѓаните, кои потоа незадоволни од она што треба таа да го обезбеди се реваншираат со непочитување на прописите или неплаќање на даноците – посочува Ацевски.
Според него, потребни се инспекции, контрола на терен, но и санкции за непочитувачите на законите, за да разберат оние што не ги почитуваат законите дека не се исплати да се заобиколува законот.
– Сѐ додека луѓето не сфатат дека како поединци нешто можеби добиваат, но дека системот губи многу, а на тој начин и тие самите губат од услугите што треба да ги добијат од државата, како што се на пример здравствените услуги, состојбите нема да се подобрат. Чести се жалбите на граѓаните дека се незадоволни од здравствените прегледи, од посета на институции за вадење разни документи, поради што се револтирани од односот, но тоа не треба да биде причина да ги избегнуваат даноците, бидејќи вака сите го девастираме системот и сите губиме – заклучува Ацевски.
Неодамна Министерството за финансии заедно УНДП почна кампања за издигање на свеста и сузбивање на сивата економија.
– Граѓаните треба активно да се вклучат во поттикнувањето одговорност на Владата и приватниот сектор, пред сè преку користење на нивната моќ како потрошувачи за да ги поддржат бизнисите што работат одговорно. Кога граѓаните плаќаат без да побараат фискална сметка, тие всушност ја поддржуваат сивата економија и стануваат дел од проблемот. Наједноставниот, но многу важен прв чекор што може да го направат граѓаните е промена на начинот на кој се однесуваат во нивните секојдневни економски интеракции. УНДП ќе продолжи да работи со партнерите за да се постигне подлабоко разбирање на сивата економија, вклучувајќи ги нејзиното мапирање, мерење и следење, за да се имплементираат соодветни политики и решенија за зауздување на неформалната економија – посочи Сања Бојаниќ, заменичка на постојаниот претставник на УНДП.