Од Владата за „Нова Македонија“ посочуваат дека дефинитивни договори сѐ уште нема, но дека се форматирани заемни рамки за идните
потенцијални инвестициони проекти и дека тие не се ограничени само на една област туку дека со потенцијалните инвеститори се разговара за повеќе области. Премиерот Мицковски од претстојниот инвестициски бран очекува „меѓу две и три милијарди евра за Македонија“…
Реализацијата на најавите за нов инвестициски бум се очекува со нетрпение
Поттик за нов инвестициски бран и раст на домашната економија со нови инвестиции во инфраструктурата, во туристичкиот сектор, во здравствените установи… се главните краткорочни цели на Владата. Меѓу приоритетите е и привлекувањето странски инвеститори, особено оние што оставаат реален впечаток на опипливи и сериозни, за што веќе имаше посета на Обединетите Арапски Емирати.
По посетата на ОАЕ, премиерот Христијан Мицкоски откри дека таму биле остварени состаноци на високо ниво, а имало средба и со претседателот на Емиратите.
– Се сретнав и со врвната бизнис-заедница и врвните компании што функционираат надвор од Емиратите. Сите тие во мај или во јуни, треба да прецизираме кога точно, доаѓаат тука. Проектите за кои разговараме се проекти на постојни локации веќе изградени во Охрид, односно откуп од сопствениците, две нови локации, но поради ограничувањето од УНЕСКО, не можат да го видат својот полн капацитет, мораме да го пазиме тоа.
Потоа ски-центарот на Попова Шапка, локацијата кај касарната за лендмаркс, објект што ќе биде не само лендмаркс за Скопје туку би рекол за регионот. Но разговаравме и за Чебрен и Галиште, но и за друг тип објекти како што се нови соларни и ветерни централи, кои се проекти за кои веќе има интерес од нашата посета и веќе се разменуваат со институциите од тука податоци. Очекувам од овој инвестициски бран меѓу две и три милијарди евра за Македонија – потенцираше Мицкоски.
Од Владата, пак, за „Нова Македонија“ посочуваат дека дефинитивни договори сѐ уште нема, но дека ова се идните потенцијални инвестициони проекти и дека тие не се ограничени само на една област туку дека со потенцијалните инвеститори се разговара за повеќе области.
– Во врска со најавите за можни инвестиции од Обединетите Арапски Емирати, сакаме да информираме дека станува збор за потенцијални инвестиции во повеќе области – инфраструктура, здравство, енергетика и туризам, меѓу кои се вклучени и проектите што се споменуваат.
Како влада, нашата цел е преку ваквите партнерства да поттикнеме нов инвестициски бран што ќе придонесе за економски раст и развој, притоа водејќи сметка за стратегиските интереси на државата и почитување на сите еколошки и културни стандарди – укажуваат од Владата на нашите прашања.
Оттаму додаваат дека детали ќе се откриваат во моментот кога условите ќе го дозволуваат тоа и дека сега е прерано да се зборува за кој било од споменатите проекти.
– Во моментот кога ќе има конкретен напредок во преговорите, јавноста ќе биде навремено и транспарентно информирана – нагласуваат надлежните.
Јавноста е заинтригирана од најавите на премиерот, кој ветува силен инвестициски бум што ќе ја засили домашната економија. Според него, во следниов период се планираат голем број инвестиции во повеќе области.
Тој нагласи дека се договараат инвестиции тешки од пет до шест милијарди евра во разни капитални проекти, од локални до експресни патишта, но и во изградба на болници, па сѐ до модернизација на железничките пруги и инвестиции во туристичкиот сектор.
– Во периодот што следува убеден сум дека успешно ќе испреговараме и ќе заокружиме инвестициски план меѓу пет и шест милијарди евра, кои ќе се случат во Македонија. И откако ова ќе го заокружиме позитивно, сакам да седнам со стопанските комори и отворено да поразговараме дали ние имаме капацитет да го реализираме сето ова. Јас сум убеден дека имаме, но ни треба добра организација – нагласи премиерот Мицкоски.
Според него, само по основа на овие проекти ќе се зголеми бруто-домашниот производ, а ќе се намали јавниот долг. Тоа, како што истакна, се должи на фактот што тоа се капитални инвестиции што ќе ја поттикнат градежната оператива и три-четири пати ќе ги завртат парите. Е.Р.