Фото: „Нова Македонија“

Сузбивањето на неформалната економија бара волеви плански, синхронизирани и централизирано-координирани мерки на повеќе полиња

  • За да има реални резултати, потребна е т.н. интегрирана стратегија, која не се ограничува на технички решенија, туку поставува јасни индикатори, рокови и институционална одговорност. Потребна е институционална контрола што функционира како единствен систем, а не како три паралелни служби, кои често не разменуваат информации
  • Треба да се подобри функционирањето на пазарот на трудот, затоа што неформалните исплати не се само даночен проблем туку и резултат на структурни слабости, како недостиг од работна сила во одредени сектори, ниска продуктивност и ограничена мобилност на работниците

Сивата економија е честа тема низ македонските медиуми, особено поради фактот што таа опфаќа солиден дел од бруто-домашниот производ, што е причина за помал прилив во државната каса. Ова секако води и кон други непосакувани ефекти, а тоа се намалените можности на државата да инвестира во сегментите што е должна да ги одржува и обновува за развој на националното стопанство, за одржлив развој во нестопанските дејности, како и за поквалитетен живот на граѓаните. Секако тука спаѓаат здравството, образованието, патната и друг тип инфраструктура…
Но иако честопати се укажува дека мора да се бараат мерки што ќе помогнат компаниите што работат на некој начин на раб и кои не ги почитуваат целосно законите, па дел од средствата што ги заработуваат не ги пријавуваат со цел да избегнат плаќање разни даноци, сепак, мерките што досега се носени, не го постигнуваат максималниот ефект што се очекува.
Еден од најчестите совети и препораки на економските експерти за сузбивање на сивата економија во Македонија, но и во светот, секогаш е следење на парите, или намалување на употребата на кеш, и зголемено плаќање преку дигиталните канали каде што има трага на движењето на парите.

Дали готовината ја одржува во живот сивата економија

Сивата економија, според некои анализи, во земјава изнесува од 20 до 40 проценти од БДП, но тешко е да се утврди нејзиниот вистински обем. Според најголем број на економските аналитичари, едно од главните „погонски горива на сивата економија“ е готовината или кешот. Според нив, „готовината ја умножува неформалната економија и е основа за нејзино упорно опстојување“.
Но искусни универзитетски професори од областа на економските науки излегуваат со една исклучително интересна што дури и не е класична економска формула, што ја ценат како фундамент во борбата со сивата економија.
Имено, според нив, „за да се искорени или значително да се намали сивата економија во една земја, потребна е – политичка волја“!
– Без сакање/волја да се стори еден бескомпромисен долгорочен ангажман од сите засегнати чинители, дури и најдобрите мерки однапред се осудени на неуспех, или на делумен успех – велат тие.
А во Македонија зачудувачки се политичката индиферентност и пасивноста во поглед на спроведувањето на стратегиите што ги донела самата држава. Едно од големите уназадувања, што ѝ даде крилја на сивата економија, е необјаснетото и неоправдано зголемување на лимитот за плаќање во кеш од 500 евра во 2019 година на 3.000 евра во 2020 година.
Експертите укажуваат дека за суштински промени на ова поле потребни се и суштински интервенции.
– Е-фактурите, дигитализацијата и модерната царина се корисни алатки – но тие сами по себе не водат до формализација. Не би сакалa да бидам погрешно сфатенa – е-фактурата и дигитализацијата на процесите се насушно потребни за една современа, транспарентна и функционална економија. Почетокот со е-фактура во 2026 година е чекор што го поздравувам и тој претставува важен сигнал дека државата конечно почнува да ја гради инфраструктурата што ќе овозможи подобра следливост на трансакциите, поголема отчетност и пониски административни трошоци за фирмите. Но токму тука е и суштината: ова се неопходни, но сами по себе недоволни мерки за вистинско намалување на сивата економија – вели директорката на институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, Благица Петрески.

Мерки за намалување на трошоците за вработување

Таа објаснува дека причината е што дигиталните алатки, колку и да се корисни, го решаваат пред сè административниот дел од проблемот. Тие го олеснуваат процесот, го прават потранспарентен и создаваат услови за подобро следење, но не ги допираат економските мотиви поради кои одреден дел од фирмите и работниците избираат да останат во неформалната зона.
– Неформалноста не е резултат само на „хартија и печат“ туку и на трошоци, на стимулите на пазарот, на слабата инспекциска координација, на недоволната доверба меѓу институциите и бизнисот, и на околности во кои формализацијата понекогаш изгледа поскапа од неформалноста. За да има реални резултати, потребна е интегрирана стратегија што не се ограничува на технички решенија, туку поставува јасни индикатори, рокови и институционална одговорност. Потребна е институционална контрола што функционира како единствен систем, а не како три паралелни служби, кои често не разменуваат информации. Потребни се мерки што ќе ги намалат трошоците за формално вработување, особено за микробизнисите, кои и најчесто оперираат на границата меѓу формалното и неформалното поради нивната ниска профитабилност – нагласува Петрески.
Според неа, исто така треба да се подобри функционирањето на пазарот на трудот, затоа што неформалните исплати не се само даночен проблем – туку и резултат на структурни слабости, како недостиг од работна сила во одредени сектори, ниска продуктивност и ограничена мобилност на работниците.
– Над сè, мора да постои меѓусекторска координација, која денес практично ја нема, па борбата против сивата економија се сведува на фискално прашање наместо да се третира како комплексна структурна реформа. Токму затоа дигитализацијата е потребен, но не и доволен услов. Ако не се допрат суштинските економски и институционални причини поради кои неформалноста е толку раширена, сивата економија ќе остане таму каде што е – стабилно „сидро“ од над 700-800 милиони евра годишен фискален потенцијал што државата го губи. Е-фактурата е важен почеток, но конечниот резултат ќе зависи од тоа што ќе се направи понатаму од неа – нагласува Петрески. Е.Р.