Фото: Маја Јаневска-Илиева

Недостигаат инвестиции на сите полиња, без владеење на правото нема развој на економијата, ниту на државата

Растот на домашниот БДП достигна 2,3 отсто, што е и понатаму анемично за нашата економија, која каска зад развиените земји. Но сепак е добар знак дека состојбите почнуваат да се подобруваат. Стабилното базно домашно снабдување со енергија, радикалните реформи и реструктурирањето, зајакнувањето на функционалноста на институциите, како и вложувањето во развојот на човечкиот капитал и иновациите, се истакнуваат меѓу клучните чекори што треба да се преземат за економски развој, според препораките на универзитетски професори, кои за „Нова Македонија“ изнесоа свои видувања на оваа тематика

Македонската економија во последниот квартал најпосле покажува знаци на подобрување. Растот на домашниот БДП достигна 2,3 отсто, што е и понатаму недоволно за нашата економија, која каска зад развиените земји, но е добар знак дека состојбите почнуваат да се подобруваат. Едно од клучните прашања што со години се наметнуваат е што треба да се направи за поголем раст на домашниот БДП. Кои би биле клучните елементи за постигнување повисока стапка на економски раст? Колку капиталните инвестиции во енергетиката можат да го помогнат овој процес, но и да придонесат за намалување на цената на струјата? Дополнително, колкаво влијание би имало вложувањето во индустријата, во земјоделството и во инфраструктурата за создавање домашно производство.

Професор Филкоски: Стабилното снабдување со базна енергија е двигател на општествениот развој

Стабилното снабдување со енергија е клучно за развој на индустријата и на економијата во целина и двигател на општествениот развој, посочува професорот Ристо Филкоски од Машинскиот факултет при УКИМ. Тој истакнува дека енергетиката со децении е занемарувана, подолго време не е изграден ниту еден значаен капацитет, на државната компанија ѝ е неопходна поддршка за заздравување.
– Неопходно е со државни средства итно да започне изградба на големи електроенергетски објекти што ќе обезбедат енергија со прифатлива, предвидлива и стабилна цена за граѓаните на Македонија. Кон приватните инвестиции во енергетиката треба да се пристапува внимателно, затоа што нивниот придонес во енергетскиот биланс е мал, а играат улога само за богатење на поединци, притоа отежнувајќи го балансирањето на електроенергетскиот систем – нагласува Филкоски.
Тој додава дека кај новите енергетски капацитети приоритет треба да имаат неколку проекти, како гасоводно поврзување со Србија и со Грција, заради диверзификација на снабдувањето со гас, но и за да добие смисла учеството на земјава во закупот на капацитет во терминалот за втечнет природен гас во Александрополис.
– Веднаш да се пристапи кон изградба на нови термоенергетски капацитети, за да не се доведеме во ситуација да имаме гас, а да немаме потрошувачка, како што беше случај со рускиот гас. Најитно ни се потребни комбинирани когенеративни постројки на природен гас во Битола и во Скопје, заради замена на блоковите на јаглен. Уште еднаш да се преиспитаат идната улога и динамика на работа на постојните термоенергетски капацитети и потребата за активирање на потенцијалните јагленокопи. Затворањето не смее да значи и запуштање на блоковите на јаглен и мазут, туку нивна конзервација – нагласува професорот.

Тој додава дека мора да се работи на унапредување на енергетската ефикасност, како основа за одржлив развој на општеството, потоа да се стимулираат малите производители на електрична енергија за да се обезбеди дисперзирано производство без оптоварување на преносната мрежа.
– Неопходни се зајакнување и модернизација на електроенергетската мрежа во земјата и поврзување со соседите, со цел таа да се оспособи за функционирање во услови на зголемено учество на постројки засновани врз ОИЕ. На компаниите за пренос и дистрибуција мора да се префрли еден дел од товарот на транзицијата, а не само да го добиваат најслаткиот дел од енергетскиот колач. Секако, врвен приоритет треба да биде изградбата на хидроцентралата „Чебрен“ на Црна Река, поради специфичната намена на објектот, но и тука клучната улога би требало да ја имаат државата и домашни компании – нагласува и заклучува професорот Филкоски.

Професор Петрески: Македонија мора да вложува во развојот на човечкиот капитал, иновациите и во привлекувањето инвестиции

– Човечкиот капитал, технологијата и инвестициите секогаш биле клучни фундаменти за економски раст и развој. Вложувањето во образованието и развојот на вештини ги подобрува можностите на работната сила, со што се зголемуваат продуктивноста и иновативноста. Технолошкиот напредок создава нови начини на работа, овозможува зголемување на ефикасноста и отвора нови пазари. Инвестициите, особено во инфраструктурата, модерните технологии и новите индустрии, го прошируваат економскиот потенцијал и носат нови економски можности. Од овие перспективи, нема сомнеж дека Македонија мора да вложува во развојот на човечкиот капитал, иновациите и привлекувањето домашни и странски инвестиции за да обезбеди долгорочен економски раст, односно да видиме стапки на раст што се повисоки од тие во последните неколку години – посочува професорот Марјан Петрески од „Американ колеџ“.

Професорот дополнува дека „на овие фронтови е направен одреден напредок, особено со влезот на странските инвестиции, па делумно и во делот на јавната инфраструктура“. Сепак, според него, имаме предизвици со структурните реформи на повеќе пунктови, главно во делот на образованието, вештините на работната сила и слично, што е детерминирано од масовната емиграција во последнава деценија и повеќе.
– Во моментов важна улога играат институциите и нивната функционалност. Ефикасни, транспарентни и отчетни институции се основата врз која почива секој успешен економски систем. Без нив, дури и најдобро развиениот човечки капитал и технолошки напредок нема да го дадат очекуваниот ефект. Владеењето на правото е суштински аспект за да се обезбеди фер конкуренција, спроведување на правото и намалување на корупцијата. Инвеститорите, странски или домашни, имаат потреба од правна сигурност за да се чувствуваат безбедно при донесување долгорочни одлуки.

Корупцијата и несигурноста во правниот систем ги зголемуваат ризиците и го намалуваат интересот за инвестирање, што директно се одразува на економскиот раст – нагласува професорот Петрески.

Притоа тој додава дека ефикасноста на администрацијата е од витално значење за бизнис-климата, нагласувајќи дека бизнисите треба да можат лесно и брзо да ги решаваат административните прашања без да се соочуваат со бирократски пречки.
– Административната неефикасност го забавува економскиот напредок и создава непотребни трошоци за компаниите, кои потоа се рефлектираат и врз економскиот раст на земјата. Да не зборувам дека имаме сериозни проблеми со функционирањето на институциите во земјава – да го оставиме за момент настрана прашањето за корупцијата, туку доволно е да се сетиме со каква неефикасност секој од нас – приватно лице или фирма – се соочува кога доаѓа пред институциите, почнувајќи од барање за наједноставна услуга – колку време, напор и нерви се губат во тој процес – посочува Петрески и додава дека за Македонија да постигне повисока стапка на економски раст, од суштинско значење е да се зајакне функционалноста на институциите.

Потоа тој истакнува дека покрај подобрување на јавната администрација и елиминирање на корупцијата, потребно ни е и создавање стабилен правен и економски систем, кој ќе ги поттикне инвестициите и ќе ја зголеми довербата на граѓаните и бизнисите во државата. Петрески заклучува дека само преку комбинирање квалитетен човечки капитал, технолошки развој и силни, ефикасни институции, Македонија може да ги постави темелите за одржлив и долгорочен економски раст. Е.Р.


Прифаќањето на „зелените агенди“ може да доведе до назадување

Професорот Ристо Филкоски од Машинскиот факултет при УКИМ посочува дека не треба да се прифаќаат некритички амбициозни „зелени агенди“ за „спас на планетата Земја“, затоа што тоа може да биде директен пат кон дополнителна деиндустријализација и општо назадување, поплочен со навидум убави желби.
– Македонија одвај преживеа едно уништување на стопанството во 1990-тите години поради непринципиелната приватизација, така што тешко ќе преживее уште еден удар во форма на плаќање т.н. јаглеродни кредити, што некој од „нашите“ го потпишал поради незнаење или поради додворување пред западните „партнери“ или затоа што навистина бил убеден дека со тоа ѝ прави добро на Македонија. Едно од најважните прашања на кои мора да им се посвети големо внимание се домашните кадри, почнувајќи од нивното формирање на факултетите, преку нивното прифаќање и надградба во компаниите, за да не им биде приоритет заминување. Тоа подразбира вложување во техничко образование, истражување и наука, за да не се претвориме во целосно зависно општество, без критичко мислење и без способност за реализација на проекти, оспособено само за сервисни услуги на странските компании – објаснува Филкоски. Е.Р.