lНовата состојба со царините и временската рамка од 90 дена до новите решенија за царинските тарифи на САД и понатаму оставаат многубројни неодговорени прашања, особено ако се има предвид дека тарифите не се укинати, туку нивната примена е одложена за три месеци.
Тоа отвора дополнителни прашања, меѓу кои и како да се однесуваат сега државите, а и компаниите, односно уште поважно, како да се дојде до поповолна позиција за нашата земја и за нашата соработка со стратегискиот партнер
lТокму меѓупериодот што следува е клучен за нашата земја, тоа е можност да се пронајде „рецепт“ за постојната состојба и на подолги патеки да се прошири Декларацијата за стратегиско партнерство со договор за слободна трговија, што ќе донесе голем број придобивки за нашата земја
Царинската „главоболка“ стивна – ќе умееме ли грејс периодот од 90 дена да го преточиме во посилно партнерство
Се зголемија надежите и оптимизмот меѓу инвеститорите по одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ги одложи тарифите 90 дена речиси за сите земји, освен Кина. Неговата нова одлука предизвика бум на светките берзи, кои „експлодираа“, па вредноста на акциите на светските компании веднаш порасна.
Сепак, новата состојба и понатаму остава многубројни неодговорени прашања, особено ако се има предвид дека тарифите не се укинати, туку нивната примена е одложена за три месеци. Тоа отвора дополнителни прашања, меѓу кои и како сега да се однесуваат државите, а и компаниите, односно уште поважно, како да се дојде до поповолна позиција за нашата земја и за нашата соработка со стратегискиот партнер.
Светските економисти предупредуваат дека глобалната трговија продолжува да се соочува со сериозни предизвици и во текот на паузата.
– Паузата на царините не се однесува на сите царини. Целиот свет сега има царини од 10 отсто, што не беше случај пред една недела – плус 25 отсто за челик, алуминиум и производи од тие метали. Плус 25 отсто за автомобили – изјави Дебора Елмс, директорка за трговска политика во фондацијата „Хинрих“ во Сингапур, и додава дека ова е пауза, не откажување од царините. Потоа појаснува дека и претходно Трамп паузирал одредени одлуки, кои сепак стапиле во сила. Затоа препорачува државите да бидат подготвени за царини во рок од 90 дена.
Балканот ќе биде погоден?
Анализите на советничка група на аналитички центар покажуваат дека финално царините што ги воведуваат САД ќе го погодат Западен Балкан, без оглед која земја колкава тарифа ќе добие, но не очекуваат силен удар.
– Последиците ќе бидат релативно благи, со забавување на растот на БДП за 0,4-0,9 проценти. Сепак, сегашната ситуација изгледа непредвидливо, што значи дека влијанието може да биде многу поголемо. Што и да се случи, владите на Западен Балкан не се немоќни да спречат посериозен исход – се нагласува во анализата.
За потсетување, царините наметнати на државите од Западен Балкан беа различни, од 37 проценти за Србија, 35 отсто за Босна и Херцеговина и 33 проценти за Македонија до 10 отсто за Албанија, Црна Гора и за Косово. Невообичаено е што Србија, каде што Трамп планира да гради две кули во центарот на Белград, ги доби највисоките царини во регионот.
Методот што се користеше за пресметување на царините предизвика значителни критики од економистите. Формулата беше: трговскиот дефицит на САД со земјата, поделен со увозот на американски стоки од земјата, поделен со два. Ниеден трговски економист претходно не го користел овој пристап.
Според американските податоци, САД имаат трговски дефицит со Србија, БиХ и со Македонија. Оттука, овие три земји беа погодени со високи царини. Другите три, Албанија, Црна Гора и Косово, увезуваат повеќе од САД отколку што извезуваат, па затоа добија минимална царина од 10 проценти.
Но, од друга страна, според националните заводи за статистика на Србија, Македонија и на Босна и Херцеговина, тие исто така увезуваат повеќе од САД отколку што извезуваат таму, што значи дека, користејќи ја формулата на Трамп, требаше да добијат стапка од 10 отсто. Ова несовпаѓање произлегува од разликите помеѓу трговските податоци на САД и Балканот. Појаснувањето за ваквото разидување во позициите, според светските експерти, се должи на фактот што голем дел од трговските текови помеѓу овие економии минуваат низ трети земји.
Но царините наметнати од САД ќе бидат најмалиот проблем за економиите од Западен Балкан, затоа што нивниот извоз во САД е мал. Но изложеноста на пазарот на ЕУ е многу позагрижувачка.
Во Македонија, извозот во ЕУ достигнува речиси половина од БДП, а БиХ и Србија се само малку „подобри“. Тоа значи дека Западен Балкан ќе го почувствува влијанието на трговската војна индиректно. За производствените економии како Србија, Македонија и БиХ главниот канал на влијание ќе биде намалениот извоз на стоки во ЕУ. За економиите зависни од туризмот, како Албанија и Црна Гора, трговската војна може да резултира со помалку туристи од ЕУ. За целиот регион, вклучително и Косово, веројатен е трет канал: пад на директни странски инвестиции (ДСИ), поттикнат од зголемената глобална несигурност.
Македонија да ја искористи ситуацијата
Премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, уште во текот на завчерашниот ден посочи дека се воспоставуваат контакти со економски значајни личности во Америка и без да открива детали посочи дека соработката меѓу двете земји и понатаму опстојува.
Од друга страна, министерката за финансии потенцира дека Македонија од оваа ситуација би можела и да ги зацврсти врските со САД, па дури и подобро да се позиционираме.
– Ако имаме услови да направиме договор за слободна трговија, да успееме повеќе да извезуваме во САД, понекогаш и во криза може да се искористат одредени ситуации – објасни Гордана Димитриеска-Кочоска.
Министерката укажа дека „глобализацијата го има постигнато својот максимум и светот повеќе нема да биде ист како што го знаеме во однос на глобализацијата“. Притоа додаде дека царините од САД, што се однесува на нашата земја, не мора да предизвикуваат паника, ниту да се толкуваат негативно.
– Ние сме многу мали во однос на сето ова што се случува и нашите одлуки не може да имаат директно влијание, но ова можеби можеме да го искористиме како шанса за македонската економија, пред сè, од аспект на тоа дека Владата има добра комуникација со Вашингтон, што е многу значајно, иако ние во моментот имаме под еден процент од вкупната надворешна размена или трговија со САД, секако тоа може да биде предност да искористиме во периодот што следува – истакна министерката.
Паралелно објасни дека најголемиот дел од трговската размена на земјава е со Европа и оти „повеќе би требало да се насочиме кон тоа како Европа ќе се однесува“.
Во однос на Европа, посочува дека она што е испратено како порака од форумот е дека треба малку повеќе да се промени во насока на тоа повеќе да разменува и да тргува меѓу себе, да се посвети малку повеќе внимание во насока на регулативите, побрза администрација, поекспедитивно работење итн.
Токму периодот што следува е клучен за нашата земја, тоа е можност да се пронајде „рецепт“ за постојната состојба и на подолги патеки да се прошири Декларацијата за стратегиско партнерство со договор за слободна трговија, што ќе донесе голем број придобивки за нашата земја.
Нашата земја ја потпиша Декларацијата за стратегиско партнерство со САД уште на 7 мај 2008 година, чија цел беше гарантирање на безбедноста на Македонија, но и зајакнати трговски и економски односи.
Меѓу одредбите пишува и „Соединетите Американски Држави и Македонија ќе бараат начини за зајакнување на економските врски и ќе преземат дополнителни мерки да ја зајакнат конкурентноста на македонската економија и да ги прошират можностите за американските и македонските бизниси“.
Токму овие ставки од декларацијата се повод да се запрашаме дали можат овие одредби да послужат за поголема и подетална соработка со САД.
Македонија како мала земја, со мал удел во светската економија и трговија, има многу мал удел и во извозот на стоки во САД, односно во нивниот увоз, што е причина плус да се стремиме како земја да ги подобриме односите со САД и да успееме да направиме договор со САД за слободна трговска размена.
Идејата за слободна трговија со САД не е нова, но со воведувањето на тарифите повторно станува актуелна.
Е.Р.