Банките полни со депозити, граѓаните сè повеќе се задолжуваат
Банкарскиот сектор продолжува да бележи стабилен раст и кај депозитите и кај кредитите, иако на краток рок се забележуваат мали осцилации. Имено, вкупните депозити во февруари достигнале 10,64 милијарди евра, што претставува годишен раст од 9,9 отсто. Сепак, на месечно ниво има благо намалување од 0,1 отсто, пред сè како резултат на повлекување средства од корпоративниот сектор. Од друга страна, кредитната активност е поинтензивна. Вкупните кредити достигнале 9,15 милијарди евра, со годишен раст од 12,6 отсто и благ месечен пораст од 0,2 отсто.
Граѓаните – клучен двигател на системот
Јасно се издвојува улогата на домаќинствата како главен столб на банкарскиот систем, односно и во штедењето и во задолжувањето. Депозитите на граѓаните достигнале 7,26 милијарди евра, со месечен раст од 0,8 отсто и годишен од 11,4 отсто. Забележливо е дека тие сè повеќе се ориентираат кон штедење во денари и на подолги рокови, што укажува на зголемена доверба во домашната валута и финансискиот систем. Но, паралелно со штедењето, расте и задолжувањето. Кредитите на домаќинствата достигнале 4,55 милијарди евра, со месечен раст од 0,7 отсто и годишен од 11,3 отсто. Најголем дел од овие кредити се потрошувачки кредити: 2,33 милијарди евра, односно станбени кредити: 1,81 милијарда евра. И двете категории растат, но станбените кредити се издвојуваат со значително повисок годишен раст од 16,1 отсто, што директно се поврзува со зголемената активност на пазарот на недвижности. Потрошувачките кредити бележат поумерен раст – 10,6 отсто на годишно ниво. Дополнително, зголемена е и побарувачката за кредити за возила (1,5 отсто месечно), што може да се толкува како сигнал за постепено закрепнување на потрошувачката.
Намалување на „брзите“ задолжувања
Интересен тренд е намаленото користење краткорочни и поскапи форми на задолжување. Во тој контекст, кредитните картички бележат пад од 1,6 отсто месечно и 5,1 отсто годишно, а минусите на тековните сметки се намалени за 0,8 отсто месечно. Ова може да укажува на поголема финансиска дисциплина кај граѓаните или пренасочување кон поповолни кредитни производи.
Компаниите повнимателни
Кај корпоративниот сектор, сликата е помалку еднозначна. Депозитите на компаниите се намалени за 1,7 отсто на месечно ниво и изнесуваат 2,94 милијарди евра, главно поради пад на краткорочните депозити во денари. Сепак, на годишно ниво тие се повисоки за 9 отсто. Кредитирањето на компаниите бележи мал месечен пад од 0,2 отсто, но силен годишен раст од 14,3 отсто. Овој раст речиси целосно се должи на кредити во денари, што повторно ја потврдува тенденцијата на „денаризација“ во економијата.
Што значи ова за економијата?
Овие движења директно се рефлектираат и врз паричната маса. Таа во февруари има минимален месечен пад од 0,1 отсто, но годишно расте за 10,4 отсто. Во врска со тоа, економистите со кои се консултиравме истакнуваат дека „банкарскиот систем останува стабилен и ликвиден“, но имаат свои забелешки.
– Во овој период, имено за февруари, граѓаните се главен двигател на економската активност. Второ, кредитирањето расте побрзо од штедењето, што може да поттикне економски раст, но носи и ризици ако продолжи долгорочно – велат нашите соговорници, но подвлекуваат и дека, според сите индикатори, имаат впечаток дека „се зајакнува довербата во денарот“!
Сето ова укажува на динамика во банкарскиот сектор, со активна улога на граѓаните. Сепак, побрзиот раст на кредитите во однос на депозитите бара внимателно следење. За граѓаните, заклучокот е исто така јасен. Условите за штедење и задолжување се поволни, но личната финансиска стабилност останува клучна во време на засилена кредитна активност. Е.Р.































